Алвин Стрејт, 73-годишен ветеран од Втората светска војна од Ајова, татко на седум деца и општо работник по професија, се одлучува на необичен потфат. Во 1994, кoга дознава дека неговиот брат, со кого се скарани и немаат проговорено десет години, доживеал мозочен удар, тој решава да го посети дури во Висконсин, на речиси 400 километри оддалеченост. И ова не би било кој знае што, доколку притоа патувањето не се одвива со - косилка!
„Возилото“ со едно седиште, кое може да постигне 8 километри на час е споро како полжав, а дополнително е оптоварено со приколка во која Алвин спие ноќе на полињата со пченка и пече виршли на отворен оган. Изборот на транспорт се наметнува затоа што тој веќе не може да вози автомобил поради лошиот вид. Но токму оваа бавност која тој ја претпочита дури и кога локалците ќе му понудат превоз, му овозможува да медитира, да запознае патници како него, да ја сподели својата животна мудрост со помладите кои мислат дека имаат нерешлив проблем. Косилката станува симбол на жртвата, но и повик за нештата да забават, да се поедностават.
Вака го имаат опишано неговото патување медиумите кои го следеле неговиот напредок. Сторијата му го привлекува вниманието на Дејвид Линч, кој во 1999 го прави „Приказната за Стрејт“, топол портрет на Алвин и на рурална Америка. Тој е снимен на локации кои ја следат реалната рута, за да се обезбеди автентичност, на пејзажите и луѓето кои ги среќава Алвин.
Најголемите предизвици се повремените бури, залетаните камиони по патот, механичките проблеми со косилката. Но во текот на тие шест недели многумина му помагаат на Алвин, сродувајќи се со неговата приказна, која вклучува трауми од Втората светска војна и желба пред смртта да се расчистат несогласувањата со најблиските.
Ричард Фарнсворт е прекрасен во главната улога, за што беше номиниран за Оскар и со тоа стана најстариот актер во оваа категорија. Забележителни улоги имаат и Сиси Спејсек како ќерката на Алвин, како и Хери Ден Стентон како Лајл, болниот брат со кого Алвин конечно се помирува.
Ова е филм кој ретко се спомнува деновиве кога се слави опусот на починатиот Линч, а би требало, бидејќи покажува една поинаква, хумана и медитативна страна на овој човек и уметник. За жал, Алвин не успеал да го види, бидејќи починал во 1996.