Вистинската црна јама во споредба со тоа како ја замислуваа уметниците

Личи на „окото на Саурон“ или некаква морничава кружна форма опкружена со огнени јазици. До сега можевме само да ја замислуваме, но оние уметници кои тоа го правеле не биле далеку од вистината.

Ако се чудите зошто користиме црна „јама“ место „дупка“, одговорот е многу едноставен - дупката има влез и излез (како дупка во ѕидот), односно простор од другата страна, јамата нема (како ископана јама во дворот, која има дно колку и да е тоа длабоко, но не и излез на некоја друга страна). Второво оттаму е многу посоодветно за опишување на астрономскиот објект за кој станува збор. Од вчера, 10.04, како резултат на огромен проект кој вклучува стотици истражувачи и осум телескопи поставени на пет континенти, конечно добивме вистински „портрет“ на една црна јама, односно нејзина силуета. Таа се наоѓа во центарот на галаксијата Месје 87, 55 милиони светлосни години („ене ја кај е“) оддалечена од Земјата.

Претходно на располагање за нејзина визуелизација имавме само компјутерски симулации или уметнички интерпретации. Како изгледаат тие споредени со оваа слика што ја имаме сега? Па и не така лошо, односно дури и подетално и поживописно од нејзиниот минимализам. Додуша, првава фотографија е токму таква, прва, а од она што ќе следува можеби ќе наидеме на повеќе бои и детали.

Овие три примери кои следат се или компјутерски генерирани симулации, или уметнички визии, спонзорирани од НАСА. Авторот на првата претстава на супермасивна црна јама предвидел и столб во центарот - наелектризирана плазма, точно онаква каква што истражувачите забележале oколу дискот на црната јама во центарот на галаксијата М87.

 

 

11 април 2019 - 08:56