„За вкусовите не се расправа“ е можеби излитена изрека, но таа си го добива вистинското значење во Музејот на грозната храна во Берлин. Една од неговите цели е да ја прикаже широката гастарономска палета на јадења од целиот свет, без оглед дали таа некому му предизвикува гадење или пак обратно, му прави лиги. Дали нешто е оценето како деликатес или „бљак“ оттаму е прашање на навика и на култура.
Помеѓу презентираната храна има пенис од бик, маринирано око од овца во доматен сос, печено куче или кравја крв, а нешто од тоа може да се купи и во музејската продавница, или да се вкуси во музејското бифе.
Првиот музеј од ваков вид беше отворен пред три години во Малме, Шведска и предизвика големи и позитивни реакции. Сега и Германците сакаат да ги следат реакциите на посетителите, на кои наместо билет за влез им се дава ќеса за повраќање. Дозволено е фотографирање и приближување кон изложените јадења, за подобро да се почувствува нивниот мирис. Така едно е ако од далеку гледате ферментирана ајкула од Исланд, но друго е ако ја помирисате и го почувствувате мирисот кој потсетува на амонијак.
Некои од „закуските“ имаат и здравствени придобивки, или барем така се тврди во нивната домородна средина. Таков е примерот со кинескиот лек - бебиња глувци во вино од ориз (ќе ве поштедиме од фотографија).
Изложбата не е организирана според земја на потекло туку според вид храна. Најпрвин доаѓаат пијалоците - на пример ракија со арома на анални жлезди на дабар, по што следат предјадењата (смуди од жаба), и главните јадења. Сепак, не сите се од некакви „егзотични“ земји, па така Германија е претставена со едно базирано на колбаси, наречено „мртва баба“.
Едно од прашањата со кои се занимава изложбата е - што сакаме да јадеме во иднина, како сакаме тоа да го произведуваме и да го конзумираме? Некои од нештата кои ги сметаме за вообичаени денес не постоеле во и не толку далечното минато. Така, нашите навики, вкусови и преференци можат да се сменат во иднина со воведување нови видови храна. Тоа значи дека проширувањето и менувањето на нашите лични прагови на грозење можат да ни отворат нови хоризонти и да ни помогнат да живееме еколошки одржливи животи.
На здравје ракијата!