
Неодамна отворената изложба на цртежи на Виктор Иго во Кралската академија е поставена во затемнета просторија, не само за да се заштитат кревките дела, туку и за да се потенцира мрачната атмосфера што доминира во неговите цртежи. Меѓу нив има пејзажи со катедрали што се издигаат од магла или се распаѓаат, како визии од постапокалиптична иднина.
Некои дела, како „Мртвиот град“, потсетуваат на готски хорор, додека други, како џиновска печурка или отровно дрво со череп, внесуваат елементи на надреалност што потсетуваат на современи стравови, како нуклеарната закана — иако Иго ги создавал во средината на 19 век.
Цртежот „Утробието на Левијатан“ е еден од најапстрактните и најголеми во поставката, алудирајќи на париската канализација — важен симбол и во неговиот антологиски роман „Клетници“. Темите на бродолом, бурни мориња и изместени светови се повторуваат и функционираат како метафори за политичките превирања што Иго ги преживеал, вклучително и неговиот егзил на Каналските Острови (мал архипелаг лоциран во Англискиот канал, близу францускиот брег) каде што биле создадени голем дел од овие дела.
Иновативниот пристап на Иго вклучува користење тантела, колаж, поштенски марки и комбинација од разни техники како јаглен, туш, гваш и графит. Оваа експерименталност го прави неговото дело извонредно и визуелно моќно. Всушност, насловот на изложбата произлегува од изјаснувањето на Ван Гог кога ги видел цртежите - дека тоа се „восхитувачки нешта“.
Изложбата претставува редок спој на книжевност, уметност и историја, и е задолжителна станица за љубителите на Виктор Иго, но и за сите што сакаат да откријат една помалку позната страна на овој автор.