Технологијата, која како што тргнала работата ќе доминира со иднината, сега е збор на годината. AI е најзабележителниот збор на англиски во 2023 според издавачот на речници Колинс.
Дефиниран како „моделирање на човечки ментални функции од компјутерски програми“, ВИ е одбран бидејќи „почна да се популаризира со толку голема брзина што стана доминантен во 2023-та“, изјавил издавачот. Користењето на зборот, поточно на иницијалите, се зголемило за четири пати во текот на годината што изминува во споредба со претходните.
AI е одбран од листа нови термини кои издавачот вели дека го отсликуваат развојот на англискиот (но и не само на англискиот) јазик. Тие вклучуваат „гридфлејшн“, дефиниран како „користење на инфлацијата како оправдување за зголемување на цените на вештачко високи нивоа за да се зголемат корпоративните профити“ и „дибанкинг“, чинот на одземање на правото на користење банкарски услуги на одредено лице.
„Непо бејби“, терминот кој се користи за синовите и ќерките на славните личности чии кариери одат по нагорна линија поради славниот родител и „деинфлуенсинг“ исто така се најдоа на листата. Последното е дефинирано како „користење на социјалните мрежи за да се предупредат следачите да не користат одредени комерцијални производи и животни стилови“.
Зборот на годината се одбира од лексикографите кои следат широк опсег извори, вклучително и социјалните мрежи. Зборот на годината за 2022 беше „пермакриза“ (за што пишувавме тука), додека пред тоа беше НФТ. Веројатно логично, збор на 2020 беше „карантин“ (локдаун).