Најраниот систем на оданочување се појавил во Египет во мугрите на цивилизацијата, околу 3000-та година пред наша ера, кога Првата династија ги обединила Долен и Горен Египет. По неа и Месопотамија вовела даноци. Практиката се одржала со милениуми, продолжувајќи и по падот на древен Египет, па до денес.
И покрај тоа што даночните системи на Египет еволуирале и доживеале различни варијанти во текот на постоењето на човечката цивилизација, основниот концепт останал ист: државата наметнува даноци за да може да функционира и да го одржува општествениот ред. Египќаните на пример, постојано имале кралски градежни проекти и војни за кои биле потребни големи буџети.
Авторот на „Подемот и падот на древен Египет“, Тоби Вилкинсон, египтолог од Универзитетот во Кембриџ, вели дека наследството на древноегипетската администрација и системи на оданочување е видливо во модерните форми на владеење.
„Основата на човечкото општествено се нема сменето 5000 години“, вели тој. „Постојат голем број техники на владеење измислени во древен Египет кои до денес не се променети“.
Во поголемиот дел од својата историја, древен Египет наметнувал даноци на стоки, при што службеници собирале „арач“ во облик на житарки, текстил, труд, животни и др. Сумата која некој ја должел често била поврзувана со земјоделието и се состоела од процент од жетвата кој одел за државните амбари и магацини, како резерва за сушни години. Жито било давано и за конструирање или функционирање на храмови или за подготовка на храна на празнични денови, која била делена на сите, бесплатно. Во 2015 беше анализиран фрагмет од папирус кој откри дека за пренос на земјиште во еден случај биле платени 100 килограми бронзени парички, плус процент за посредникот кој требало физички да ги пренесе до трезорот.
Интересен е начинот на кој била одредувана висината на данокот. Властите праќале тим проценители познати како „држачи“ или „тегначи“ на јажето. Двајца службеници буквално тегнеле јаже за да измерат големината на жетвата, додека трет водел записник. Стандардната проценка била околу 10% од жетвата, а мерењето се вршело во стандардизирани контејнери развиени за оваа цел.
Побогатите плаќале повеќе - за нив не биле доволни само житарките, туку тие давале и jaчменов слад, илјадници лебови и „телесно способна“ робинка.
Уште тогаш, Египќаните не биле многу среќни со оданочувањето. Некои се бунеле дека проценките се неправични, а сочувани се и писма со ваква содржина. Работата се влошила под странска окупација и со воведувањето на валута во средината на првиот милениум п.н.е. Додека Персијците и древните Македонци владееле со Египет, тие вовеле метални пари и продолжиле со наметнување даноци врз локалното население, кое сега требало да плаќа во стандардизирана валута, а не во секакви производи. Ова предизвикувало различни облици на отпор и непослушност. Тие се однесувале и на корумпираните службеници, како и на богаташите кои и тогаш често одбегнувале плаќање.
Значи, ништо ново под (древното египетско и денешно) сонце.