Во 2010 јапонските и дел од странските медиуми пишуваа за необичен случај кој разоткри постоење на до тогаш затскриена професија во Јапонија - „разбивачи на врски“, или вакарасеја. Вработен во агенција која нудела ваква услуга, Такеши Кувабара, самиот женет со деца, требало да се сретне со извесна Рие Исохата, да ја заведе и да собере докази кои на нејзиниот сопруг би му овозможил предност при разводот. Но Такеши вистински се заљубил, па кога Рие ја сфатила измамата и сакала да ја прекине врската, ја задавил со жица. За ова бил осуден на 15 години робија. Но истовремено привлекол внимание кон постоењето на оваа необична професија.
Случајот поттикнал промени во законите и правилата кои се однесувале на оваа „дејност“. Па сепак, една деценија по овие настани, изгледа како бизнисот повторно да цвета, и покрај високите трошоци и контроверзите поврзани со него.
Според Би-би-си во моментов има околу 270 вакарасеја агенции кои се рекламираат на интернет, а поголемиот дел се поврзани со приватни детективски фирми. За „чисти“ случаи се наплаќа oколу 3000 евра. Но цената зависи од многу фактори, на пример дали клиентот е политичар или славна личност, па е потребна поголема тајност.
Британската писателка Стефани Скот го базирала својот нов роман „Што останува од мене е твое“ (What's Left of Me Is Yours) врз случајот на Исохата. Толку го истражувала случајот, што ја примиле како почесен член на Британско-јапонската правна асоцијација. Таа објаснува дека најмувањето вакарасесеја овозможува одбегнување конфротација, односо побрзо разрешување на тешка ситуација. Ова е особено корисно ако еден од сопружниците не се согласува на развод.
Но оваа услуга се користи и од страна на клиенти кои не се во брак, туку сакаат да излезат од некаква мачна врска. За агентите пак ова е начин да влезат во световите на нивните клиенти, да се види „од што се направени луѓето“. А тие - луѓето - насекаде се направени од ист штоф, од желби, стравови и тајни, кои на овој начин се разоткриваат, понекогаш и на олеснување на двете страни.