Ужасната нова реклама на Епл за најтенкиот ајпад до сега

На ретро грамофон оди весела песна од Сони и Шер. Во кадарот се играчки, музички инструменти, уметнички алатки. Делува фино и носталгично, како да се предмети од нечија тинејџерска соба или складиште на спомени. Сè додека не почне да работи пресата, која од нив прави безоблична каша. Со неа потоа ќе се хранат „вонземјаните“, директно во вена.

Во текот на Супер боул 1984-та, Епл за прв пат пушти една од најиновативните и спектакуларни реклами на сите времиња, режирана од Ридли Скот, за тогаш новиот Мекинтош. Во неа беше прикажан аудиториум составен од безживотни човечки суштества кои зјапаат во ликот на диктаторот на огромен екран. Во еден момент се појавува русокоса спортистка (единствена фигура во боја во сцената) која одлучно минува низ вратата и фрла чекан врз екранот, симболично уништувајќи го поробувачот.

Четириесет години подоцна, Тим Кук, извршниот директор на Епл, преку социјалните медиуми промовираше нова реклама за ајПад Про - „најтенкиот производ кој некогаш сме го создале, најнапредниот дисплеј кој некогаш сме го произвеле, со неверојатната моќ на чипот М4“. 

Во сосема спротивен тон од погоре опишаното видео, во ова се прикажани еден куп креативни алатки и предмети кои асоцираат на забава, култура и уметност,како полека се згмечени од огромна преса. Она што останува е (логично) - ајпадот.

Песната на Сони и Шер „Сè што ми треба си ти“ оди на грамофон додека машината уништува прекрасни нешта - труба, фотоапарати, пијано, слики, метроном, макета од глина, дрвен анатомски модел, плочи, врамена слика и најстрашно, бидејќи асоцира на деструктивно насилство врз детски играчки и над детето во секој од нас, керамичка фигура од Енгри Брдс и гумени емоџи топчиња. 

Пораката за синтетизирање на сето горенаведено во парче технологија не е итро и досетливо туку, според многумина, ужасно. Тоа како да се сити врз уништувањето на сето она што е човечко. „Драг Тим Кук, биди чесно човечко суштество и избриши ја оваа ужасна реклама“, гласат некои од повиците онлајн. Кога пресата запира со својата работа, музиката е заменета со морничава тишина. Оваа техника е вообичаена во филмовите, откако некој лик насилно ќе биде убиен. За авторите на рекламата и оние кои ја одобриле ова се можеби „само предмети“, но тие се олицетворение на сето она што луѓето го поврзуваат со креативност и на крајот на краиштата, со живот. Нивното уништување, во стилот на рекламата, може да значи - ВИЕ СТЕ СЛЕДНИ! 

Рекламата е страшна и поради оваа порака, но најмногу поради тоа што изгледа како воопшто да не е свесна за неа. Таа ја нормализира иднината во која секој жив уметник би бил заменет од технологија, и тоа не полека, туку веднаш и без двоумења. Иронично: воинот - бунтовник од претходната реклама, со чеканот кој го уништува стариот поредок, сега е заменет со нов Голем брат.

Рекламата се појавува среде жестоки дискусии околу етичките и правните импликации на тн. Генеративната ВИ, што е само кул име за софтвер за плагијаторство, со оглед на тоа што „интелигенцијата“ не е интелигентна туку само добра во имитирање. Нејзината врска со историјата на човечката креативност воопшто не е како врската помеѓу жив студент по уметност кој проучува книга со слики од Рембрант или трубач-почетник кој свири во стилот на Мајлс Дејвис. Тоа е повеќе изгледа како врска помеѓу триподите во „Војна на световите“ на Спилберг и луѓето, кои откако ќе бидат проголтани од машините се претвораат во каша која потоа се прска врз почвата како ѓубриво (во истоимената книга на Велс заробените и сомелени луѓе се инјектираат директно во вените на вонземјаните како храна).

Има ли потреба да се објаснува асоцијацијата со ВИ? 

14 мај 2024 - 21:03