Пораката на овие уметници е повеќеслојна: да се искуси градот како плодно и вкусно место, колективно да се преосмисли функцијата на јавното учество во урбаниот живот и да се истражи значењето на заедницата преку создавање и споделување нови ресурси - овој пат овошни дрвја.
Двајцата основачи на колективот, Дејвид Брнс и Остин Јанг, повикуваат на учество во тн. „Бескраен овоштарник“, кој се опишува како „најголемиот колаборативен уметнички проект во светот“. Секој, секаде, може да помогне во неговото проширување, со мапирање на овошки во јавни простори, или преку садење на поголем број овошни дрвја кои би биле заеднички. За оваа цел е изработена апликација, но таа не е само за „обично“ мапирање на дрвја, туку за поврзување на корисниците со околината, забележувањето на промената на годишните времиња, нашето минато како одгледувачи а не само потрошувачи на земјоделски производи.
Мапирањето започнало од Лос Анѓелес во 2004, а во 2013 е веќе отворен првиот овошен парк во Калифорнија, кој содржи калинки, портокали, грозје. Секој парк кој тие го прават, сега веќе и на различни локации низ светот, е специфичен, бидејќи содржи овошки кои се типични за поднебјето.
„Ги сметаме овие дрвја за социјални скулптури. Тие се уметнички дела кои ја менуваат врската на луѓето со просторот“, велат авторите.
Претходно: Калемењето како уметност