Нека цветаат илјада цветови

Калемењето како уметност

Сам Ван Акен работи на нешто кое на прв поглед делува како проект од областа на генетскиот инженеринг: дрво кое во себе содржи 40 различни типови овошки. Сепак тој не е ниту земјоделски инженер, ниту генетичар, туку - уметник.

Методот се состои од просто калемење, но тоа се покажало потешко отколку што се очекувало, не заради самиот процес, туку заради тоа што, барем во Њујорк каде работи Ван Акен, тој можел да најде само неколку видови овошки, кои главно се одгледуваат во Калифорнија. 

Тогаш некој му кажал за државната Експериментална земјоделска станица во истиот град, каде се одгледувале необични типови дрвја. Тоа бил моментот кога неговиот проект добил и поинаква димензија - зачувување на некои од древните и загрозени видови. Со оглед на тоа што на станицата ѝ се заканувало затворање заради недостаток на фондови, Ван Акен решил да ги откупи дотогаш собраните примероци. Неговите сегашни дела, 16 дрвја низ Америка составени од главно древни и домородни овошки, вклучително и праски, сливи, кајсии и нектарини, се резултат на неговата работа со над 250 вариетети.

 

За свој најголем успех од уметнички аспект тој го смета калемењето на цреши и бадеми, бидејќи цветовите на обата видови се прекрасни. За техниката вели дека бара големо трпение - спојување на гранки од други дрвја на „домаќинот", така за тие да си се запознаат и да се поврзат во текот на зимските месеци. И ако се оди по планот, да пуштат цвет на пролет. Токму на овој начин уметноста се приближува до нејзиното древно, античко значење на техне - конкретна, применета вештина, која создава убавина.

Самиот уметник за својот проект на TEDx Менхетен

3 август 2014 - 22:03