„Дрон: спекулативни фикции во ерата на дронот" е интердисциплинарен проект - книга изработена од истражувачи, дизајнери, уметници и писатели кои припаѓаат на италијанскиот истражувачки центар Фабрика. Таа истражува како воздушната технологија без човечка посада ќе влијае на нашето однесување во иднина, како и на нашата врска со физичкиот простор. Книгата комбинира фикција и собрани материјали: илустрации, новински текстови, кои покажуваат како дронската технологија влијаат врз воајеризмот, социјалните медиуми, масовниот надзор и тероризмот.
Ова е само еден од бројните примери на интердисциплинарен пристап кон феноменот на дронот, кој од воена алатка, почнува да се користи во различни области како истражување на животната околина, земјоделството, но и уметноста и културата. На њујоршкиот колеџ Бард во 2012 е формиран Центар за проучување на дронот, организација чија цел е „разбирање на автономните возила" и иницирање дијалог помеѓу технолошкиот и нетехнолошкиот свет. На неговиот сајт постојано се објавуваат новости поврзани со различни аспекти на употребата на дроновите.
Така, освен споменатата книга, во август оваа година во Торонто е одржана премиера на рок опера под наслов „Младите дронови", која раскажува приказна за две вакви летала кои даваат отказ од нивните работни места - тие се заљубуваат еден во друг, и потикнати од љубовта стануваат свесни за потребата од отпор, летечки заминувајќи некаде во канадските планини во потрага по поисполнет живот. Филозофската порака е дека ако луѓето создале супериорна интелигенција, таа истовремено би морала да биде и морално супериорна.
Еве го саундракот од претставата од инди-групата The Bicycles, која можеби се вика така токму за да укаже на врзаноста на човекот за земјата - додека дронот го надлетува надзирајќи го, човекот мирно си ги врти педалите, во тоа гледајќи дел од својата слобода.