Медицинската терминологија, и тоа не само поради латинскиот, е како странски јазик, кого можете да го научите само после долги години студирање медицина и уште многу повеќе години пракса. Иако официјално тој јазик би требало да е универзален, па лекарска белешка напишана во Кина да може да ја разбере доктор од Сомалија, претпоставуваме дека во одделни медицински „ниши“ има и по некој „дијалект“ и, како и во секој јазик, дека се можни и недоразбирања. Но овој текст е на малку поинаква тема - се однесува на дијагнозите кои се соопштуваат на пациентот, во ублажена форма, а кои понекогаш влегуваат и во неговата медицинска документација.
Еуфемизмите се, наједноставно кажано, замена за непријатни или навредливи означувачи со други, помеки и понежни, кои се некој вид перниче врз тврдиот ѕид на информацијата. Иако можат да се третираат и како нечесни и наведувачки, тие се всушност дел од добро развиени вештини на комуникација, особено во ситуации во кои е клучно да се одбегне моментален конфликт или да се влоши и онака лошата ситуација.
Колку што ни е познато, во македонски услови идните доктори добиваат малку или никакви упатства за начинот на соопштување чувствителни информации на пациентите, и главно се препуштени на самите себе и искуството кое го стекнуваат низ годините. Она што притоа треба да го научат е истовремено да му ја претстават ситуацијата на пациентот на соодветен и пристапен јазик, да го смират, да ги спречат неговите шпекулации и да поттикнат доверба. Сето ова во високо стресна околина, која често не овозможува ни доволно време, ни доволно внимание за секој пациент поединечно.
Во медицината еуфемизмите се највисока форма на лингвистичка дипломатија. Ова особено важи за терминално болните или за оние со неизлечиви болести, каде свесно одбраниот јазик може да придонесе кон подобри резултати во дијагнозата и третманот. Тука користењето еуфемизми веќе не подразбира само некаков бон-тон, туку во голем број земји е и законски регулирано. Информации за рак, лоша прогноза, известување за смрт на пациент спаѓаат во ваквите ситуации. Но тие се користат и во други контексти, на пример во форма на метонимии (замена на еден збор со друг): „интервенција“ за „хируршки зафат“, „естетска процедура“ за „пластична операција“, „институционализација“ за „хоспитализација во психијатриска болница“ итн.
Понекогаш еуфемизмот e развиена метафора - „знак на сигурен куфер“ (на англиски Positive Suitcase Sign) се пациенти кои се пријавуваат за прием во болница без посебни физиолошки причини (можни хипохондрици), при што со себе носат полна торба, однапред сигурни и подготвени дека ќе бидат примени. „Знакот О“ има и визуелен квалитет - ја означува отворената, клапната уста на човек во несвест, често пати алкохолизиран, во кома или со деменција. Сето ова е дел од официјалната и неофицијалната медицинска комуникација, која медицинарите ја совладуваат со текот на времето.
Така, ако забележите некој чуден израз во сопствената медицинска документација, кого не го препознава ни Гугл ни медицинските енциклопедии, можно е тој да спаѓа во оваа сива зона, меѓу еуфемизмите и медицинскиот сленг. И кога сето знаење латински нема да помогне, ќе се чукнете по глава и ќе сфатите дека она на „ту“ е само кратенка. За среќа, доброќудна.