„Толку беше реална, што ни ја украдоа“ - како се прави дрога за филмови?

Трева? Мов завиткана во мрежичка. Крек? Органски ши путер за тело. „Тули“ кокаин? Морска пена. Дизајнерите ги откриваат тајните на симулирањето дроги на филм. 

Од популарни тинејџерски серии до крими-драми, сцените кои вклучуваат дроги често се суштински во модерните ТВ серии и филмови. Продуцентите мора да обезбедат тие моменти да се безбедни, легални но и реалистични. Ова е толку важно што тие трошат големи суми за сето ова да биде како што треба. За секоја „тула“ кокаин е вложен голем напор за да се обезбеди совршена текстура на правот (или нешто што личи на прав). За секоја таблета која треба да ја голтне актер мора да се биде сигурен дека не е ништо повеќе од шеќерче. 

За да се одбегнат опасни импровизации, на тема дроги постојат индустриски стандарди. Кокаинот често се имитира со гликоза, Б12 или прав од Ц витамин, иако најчестата замена е млечен прашок. Кога ќе се помеша со вода во носот на актерот, излегува дека тој шмрка - млеко. 

Што се однесува до „трева“, често се користат легални алтернативи, а тоа е канабис кој не ги содржи психоактивните хемикалии (тн. „разочарувачка трева“). Во меѓувреме, екстазито и дијазапамот се заменуваат со бонбони односно шеќерни таблети купени од аптекари кои специјализираат во изработка на тн. „плацебо“ лекови направени специјално за ТВ. Тие знаат да бидат екстремно скапи, дури и поскапи од реалната дрога. 

Ова значи дека кога треба да се наполни цел товар со МДМА, кокаин или трева, дизајнерите треба да бидат малку покреативни и да користат нешта што барем од далеку личат на она вистинското. На пример 1000 блокови кокаин направени од стиропор кој се користи за цветни икебани. 

Иако сериите немаат координатори за дрога (а имаат на пример за интимните сцени), повеќето најмуваат советници, на пример поранешни полицајци и инспектори. Некои одат и чекор понатаму. Режисерот на „Сноуфол“, драма со наркотици лоцирана во 1980-тите во ЛА, најмил поранешен осуденик, Смоуки Смит, кој растел во тоа време на улица, среде бандите и дрогите. Тој обезбедил насоки за се, од облека и фризури до како да се направи реалистичен лажен крек користејќи го истиот рецепт што го користат дилерите за да ги измамат своите муштерии (витамин Е и сода бикарбона).

Роб Вилсон Кинг, дизајнерот на Брејкинг бед, исто така консултирал и инспектори на ДЕА (Американската агенција за борба против наркотици) и дилери со кои се спријателил на улиците на Албукерки, кадешто е снимана серијата. Така успеал да влезе дури и во домови кои се користени за готвење мет - до денес тој се сеќава на мирисот на хемикалиите. Сето ова било многу опасно, не само поради безбедноста од дилерите и од бандите, туку и затоа што тие исти хемикалии можеле да експлодираат во секое време. Лажниот мет кој притоа го произвеле бил толку реален што неколку пати бил краден од сетот. 

11 февруари 2025 - 10:15