Веројатно е до годините, ама моите музички вкусови се така зацементирани што над тој ѕид не може пиле да прелета, а прагот на толеранција кон тупси-тупси звуци, макар и во позадина (радио, трговски центри, автобус) веќе добива загрижувачки размери. Како своевидна терапија, но и освежување на репертоарот, почнав да копам по „нова“ класична музика, или барем кон нови изведби на постоечки дела. Во рубрикава за некои од нив.
„Јас не пишувам нова музика. Таа е одговор и ехо на она што веќе постои", изјавил Силвестров. Во 1974, под притисок да креира дела во стилот на соц-реализмот и помодарскиот модернизам, тој се повлекол од јавниот живот, и компонирал серија под наслов „Тивки песни", циклус кој требало да се свири само во интимни кругови на пријатели.
Неговиот опус вклучува седум симфонии, композиции за пијано и оркестар, дела за камерни оркестри, хорски дела и кантати. Голем број од нив, како веќе споменатите „Тивки песни" (за баритон и пијано) се правени врз основа на поезијата на Пушкин, Лермонтов, Китс и Јесењин. Неговиот последен настап во живо бил пред еден месец во музејот на Булгаков (на фотографијата), каде се чува пијано на исповедникот на славниот автор, професор на Киевската духовна академија, кој станал прототип за ликовите на свештениците во делата на Булгаков. Силвестров притоа извел елегии инспирирани од Гете и Хајне, како и композиции на песни на Бродски, Дикинсон и украински и руски поети.
Најновиот албум со дела на Силвестров е на Елисавета Блумина, пијанистка од Ленинград, под наслов „Наивна музика - идила", кој претставува премиера на неколку негови пијано минијатури, напишани во 1950-тите, а ревидирани 40 години подоцна. Убава музика за сончеви утра..уживајте!
Елисавета Блумина, од албумот „Идила"
„Зимско патување" (Од цилусот Тивки песни, според Пушкин)