Каква врска имаат бегалски логори среде пустина на полуостровот Синај во Египет со некогашна Југославија? Две години, од 1944-1946, токму тука било сместено евакуираното население од неколку далматински острови, хрватското приморје и од Загорје. Хронолошки нештата се одвивале вака: бегајќи пред германската офанзива кога е заземена цела Далмација, голем број цивили се преселиле на островот Вис. Но со оглед на тоа што тука веќе бил сместен Главниот штаб на партизанската војска и сојузничката британска војска, немало можност да бидат прифатени и нахранети толку луѓе. Оттаму, одлучено е цивилното население на островот заедно со бегалците да се евакуираат најпрвин во јужна Италија. Станувало збор за околу 40.000 луѓе, и тоа 80% Хрвати, а останатите Срби, Словенци, Евреи и други.
Но и Италија се уште била место на тешки борби на сојузничките сили и Германците, па така е одлучено населението да се префрли во посигурниот Египет, тогаш под управа на Британците.
Логорот е формиран во близина на Суецкиот канал, на површина од 260 километри квадратни и поделен на пет мали подлогори. Семејствата и населбите се групирале така за да бидат со ист распоред како и во стариот крај. Просечно во секој шатор имало по 1-2 семејства. Основани се училишта, работилници, перални, излегувале весници а во еден шатор имало и црква. Целиот живот бил фасцинантно организиран од страна на Комунистичката партија на Југославија. Тито лично ја надгледувал целата работа и таму испратил 37 културни работници од татковината. Со тоа тој сакал на сојузниците да им покаже дека штом КПЈ може да организира ваков живот среде пустина, тоа секако ќе може да го стори и во новата држава.
Во Ел Шат 30.000 луѓе поминале осумнаесет и повеќе месеци. За тоа време се родиле 475 деца. Дел од нив биле резултат на врски помеѓу Англичани и Хрватици, но не сите завршиле со брак. Некои од децата добиле имиња како Нил, Синајка, Елшатка, Суец и сл.
Со смирување на приликите во Југославија и зацврстување на власта на Тито во 1945 е формирана комисија за репатријација. Враќањето одело бавно поради наводен недостаток на бродови и поради затегнатите политички односи помеѓу Југославија и сојузниците. Последниот конвој заминал од таму на 24 февруари 1946. На местото на кампот останале гробишта со 715 мртви, во форма на петокрака, која - велат - е видлива и од вселената.
Постар документарец од 1980-тите, „Некогаш и сега: партизанскиот град на Синај“, во продукција на ТВ Белград.
Фотографии од Конгресната библиотека во Вашингтон од кампот тука