Позајмено интервју

Тери Џонс: „Уште како дете сфатив дека комедијата е опасна работа“

По смртта на 77 години на човекот кој според многумина беше душата на Монти Пајтон, негово интервју од 2014, кое до сега се нема појавено онлајн.

Во 2014 се појави книга на Мајк Сакс која стана Њујорк Тајмс бестселер и беше прогласена за книга на годината од страна на NPR. Под наслов „Буцкање мртва жаба: разговори со најдобрите комичари на денешнината“, таа содржеше интервјуа со голем број автори на комични серии, филмови и списанија, како оние на Сатрдеј најт лајв, креаторот на „Чирс“ или луѓе кои пишуваат за сатиричниот „Онион“. Помеѓу нив и со ветеранот и великанот Тери Џонс.

Еве извадоци од тоа интервју, кое до сега се немаше појавено на интернет.

Можете ли да се сетите на првиот скеч кој сте го напишале?

Првиот виц што самиот си го смислив, не што сум го напишал туку што сум го создал, е еден од времето кога имав четири или пет години. Со семејството седевме околу масата. Баба ми праша - „Сака некој уште сос?“. Кренав рака, но наместо да ѝ го додадам тањирот ѝ ја дадов салфетката. Таа истури сос врз неа. Сите се свртија кон мене и рекоа: „Глупо дете! Зошто го стори тоа?“.

Ова ме подучи, од рана возраст, дека комедијата е опасна работа. Ако се обидеш да направиш луѓето да се насмеат и не успееш во тоа, тогаш тие можат да станат многу, многу лути. Луѓето не се лутат ако пишуваш трагедија и не ја завршиш добро работата. Но тие стануваат крајно лути ако создадеш комедија која не е смешна, или барем ако ним не им биде смешна.

Дали отсекогаш знаевте дека сакате да пишувате?

Да, уште од кога имав седум години. Секогаш пишував поезија, која имаше тенденција да биде ужасно мрачна. Мислам дека моите во еден момент почнаа да се секираат. Бев компулсивен пишувач. Имам есеи кои сум ги пишувал кога бев многу мал: баба ми ги чуваше. Пишував песни и долги, долги текстови како за таа возраст. Само пишував, цело време. Имав еден прекрасен наставник, г-дин Мартин, кој ги читаше моите есеи пред целиот клас. Ми се допаѓаше тоа. Ми даде добра основа. Ми даде самодоверба. Но г-дин Мартин го напушти школото, и токму тогаш почнав да слушам поинакви коментари од наставниците. Ми беше кажувано: „Нема да можеш да живееш како писател. Најдоброто на кое можеш да се надеваш е да станеш учител“.

Дали мислите дека има врска помеѓу поезијата и пишување комедија?

Всушност мислам дека има огромна врска. Поетот Роберт Брауниг вели дека можеш да земеш три одделни идеи, и од тие три, да создадеш четврта идеја, но таква која ќе ги надмине првите три, идеја-ѕвезда. Секогаш ми се допаѓало тоа. Слична е теоријата со комедијата. Но разликата е во тоа што во комедијата земаш различни идеи и ги спојуваш, но не создаваш ѕвезда, туку смеа. Тоа е магичниот елемент.

Може ли да ми дадете пример од Пајтон каде крајно различни идеи биле комбинирани за да произведат смеа?

Мајк (Палин) во 1970 напиша скеч под име „Шпанската инквизиција“. Мислам дека ова е добар пример на земање различни идеи - локации од 20 век и свештеници на шпанската инквизиција - за да се произведе ѕвезда. Како Мајк од Англија од 1911 заврши со тројца мачители од 15 век во неговата дневна соба, кои извикуваат „Никој не ја очекува шпанската инквизиција?“ Како ја смислил оваа врска? На крај, луѓето се смеат. Но кога ќе го вратиш процесот од крајот кон почетокот, тешко е да се следи како дошло до оригиналната идеја. Па сепак, таа се уште функционира.

Сега кога мислам на тоа, постои и друга сличност помеѓу поезијата и комедијата: дестилирање. Обете треба да бидат дестилати. Зборовите, концептите, треба да зовријат, а она што сакаш да го кажеш е есенцијата.

Беше неверојатно тешко да се одржува такво ниво на квалитет со Пајтоновци. Ги прекинувавме скечевите кога ќе сфатевме дека тие можеле да бидат почетни во некои други програми. Пишувањето беше многу сериозна работа; ние го сфаќавме многу сериозно. Навистина нè исцрпуваше.

Мајл Палин има кажано дека оригиналните шест луѓе од Монти Пајтон заедно произвеле хармонија која не би можеле да ја произведат како поединци. Ова ме потсети на нешто кое го прочитав за групата од 1960-тите, Мамас енд папас. Индивидуално, тие имале четири различни гласови, но кога пееле заедно создавале петта хармонија - речиси целосно поинаков глас - кого го нарекле „Харпи“.

Ова е добар опис. Мислам дека е вистина. Шестмината произведувавме хармонија која беше некој друг. Пишувавме заедно, и речиси пишувавме за седмиот глас. Секогаш постоеше слика на седми глас кој беше присутен. Тоа беше гласот на Пајтон. И тој не можеше да биде повторен со која и да е друга комбинација, или сам. Со Пајтон, имавме голем број различни умови кои заедно функционираа многу добро.

Гледав некои од раните ТВ епизоди на Пајтон од 1970-те, и сфатив дека публиката првите неколку епизоди беше многу тивка, дури подоцна се чувствува дека се поопуштени и дека реагираат.

За првото шоу публиката се состоеше од голем број возрасни пензионери, кои очекуваа дека ќе гледаат вистински циркус. Беа збунети. Но на крајот на втората и третата серија, две години подоцна, добивавме доста аплаузи и смеа надвор од снимањата. Моравме да убрзаме со работата. Имаше голем сомнеж дали Би-би-си ќе нарача уште една сезона. Всушност, имавме голема среќа што тоа навистина се случи. Го запреа шоуто - до моментот кога им беше кажано дека тоа е забавно.

Тоа не би се случило денес - извршните продуценти да не бидат среќни со некое шоу, но да го остават на раат и да му дадат време да си го најде патот.

Авторите на Пајтон беа комплетно независни, и ова беше уникатно. Ние всушност пишувавме за самите себе, па имавме одредена моќ. Знаевме што можеме да изведеме. Знаевме што не можеме.

Со Би-би-си немаше некакви проблеми на почетокот, но наскоро се соочивме со цензорите. Напишавме скеч (за третата серија) под име „Сеанглиски натпревар за сумирање на Пруст“. Беше избор на убавина во кој учесниците, наместо да ги импресионираат судиите со пеење или свирење флејта, требаше да ги сумираат делата и филозофијата на Пруст. Тогаш веројатно за прв пат на телевизија беше употребен зборот „мастурбација“. Греам (Чепмен) беше учесникот. Водителот, кого го играв јас, го прашува Греам кои се неговите хоби интереси, а тој вели: „Па давење животни, голф и мастурбација“.

Би-би-си го исфрли зборот „мастурбација“. Внимавајте, ним им беше ок тоа со давењето мачки. Ама самозадоволувањето мораше да се избрише (се смее). Ако го гледате оригиналниот скеч, има малку пауза откако Греам вели „голф“. Неговите усни мрдаат но не можете да го слушнете „мастурбирам“. А публиката во живо паѓа од смеење. Ова за луѓе кои го гледаа скечот дома беше загатка. Звучи како публиката да се смее на „давење животни“ и така станува уште почудно.

Претходно зборувавме за тоа како комедијата често се создава со поврзување различни идеи. Во „Смислата на животот“ напишавте сцена која веројатно е една од најчудните во историјата на филмот, барем за комедија. Мислам на сцената со г-дин Креосот, во која играте самиот. Џиновски човек кој вечера во фенси ресторан и повраќа додека не експлодира.

(Се смее) Па за таа сцена седнав и напишав одвратен скеч. Всушност така и пишуваше на листот - „Одвратен скеч“. Првиот пат кога го прочитав пред останатите, беше непосредно по ручек. Никому не му се допадна. Тоа не беше добар момент. Одлучно беше отфрлен. Но еден месец подоцна Џон (Клис) ми се јави рече: „Ќе се премислам за ова“. Мислам дека сфати оти келнерот може да биде многу смешен. Џон го смисли она со „ментолчето тенко колку вафла“ и тоа да му се понуди на г-дин Креосот пред да експлодира. Ова е единствениот скеч кој го напишав заедно со Џон.

Сцената се снимаше четири дена. Петтиот ден во салата се одржуваше свадба. Ова не беше сет! Лажната повраќаница беше руска салата, и некои други состојки. Можете да го замислите мирисот тој последен ден. Сиротите луѓе мораа да слават во целата смрдеа. Не баш добар начин да се почне брачниот живот.

извор

24 јануари 2020 - 08:49