„Мислам на тебе“. „Моето сочувство“. „Те сакам“. „Честитки за дипломирањето“. Има и картички кои на овие пораки додаваат и по некој креативен ред (или сосема ги пародизираат, како Wrong Cards), но особено ако човек не го познава баш најдобро оној кому му ја дава честитката, тогаш бира да оди на сигурно и да не остави простор за недоразбирања.
И покрај дигитализацијата, честитките остануваат огромна индустрија. Во САД на пример се купуваат околу 6.5 милијарди честитки годишно, со вредност од околу 7-8 милијарди долари. Колку и да тврдиме дека текстовите на ваквите картички се празни флоскули, ова е многу згодна комерцијална опција за потрошувачот кој или не знае да се изрази попоетично и подобро, или кој едноставно бара брзо решение.
Честитките ги обележуваат најважните, а често и најтешките настани од нашиот живот. Најчудно е што тие не се моментите во кои јазикот си го наоѓа вистинскиот израз и значење, туку кога таквото значење се прекршува, исчезнува, а тој си ги разоткрива своите неспособности. Клишето е маркер и пополнувач на празнина која не знаеме или сме неспособни да ја пополниме со нешто посуштинско. Оттаму, картичките функционираат како материјален тестамент за недостатокот на артикулација кој лежи во јадрото на човечкото искуство, обележувајќи го јазот помеѓу јазикот и животот.
Бекет има напишано дека секој збор е непотребна дамка врз тишината и ништожноста. Но од друга страна, има моменти кога е невозможно, или во најмала рака непристојно да се молчи. Ова чувство е веројатно најдобро илустрирано со картичка на која сочувствително пишува: „Нема зборови со кои би се изразило...(дополни ја фразата)“
Но со препознавање и прифаќање на радикалната несовршеност на јазикот, клишето помага да се намали штетата која тој ја прави. Постојаната циркулација на генерички изрази како „Те сакам“ или „Нашето најдлабоко сочувство“ никогаш не може да ја претстави токму оваа љубов или оваа конкретна тага. Но покажува дека љубовта е универзална, а тагата е заедничка, толку честа што за неа морало да се направи и картичка.
Извор: Аеон