Во писмо од 1887, три години пред смртта, Ниче напишал: „Никогаш не постоел филозоф кој во суштината бил музичар во толкава мерка колку што сум јас", иако бил доволно објективен да додаде дека е сепак „прилично неуспешен" во оваа област. Она на што всушност се надевал било дека неговите композиции ќе станат познати и слушани како составен дел од неговите филозофски дела.
Да, Фридрих компонирал, и неговите мелодии варираат од романтични до траурни, од мисловни до химнични - последново веројатно под влијание на протестантските верски песни со кои пораснал како син на лутерански свештеник. Анегдотата вели дека кога Вагнер прв пат ја слушнал музиката напишана од неговиот најблизок пријател морал да излезе од просторијата за да не пукне од смеа. Но можеби ова, како и воопшто амбицијата на Ниче да се занимава со музика, има повеќе врска со симпатиите кои тој ги имал кон жена му на Вагнер, Козима. Други пак велат дека Ниче бил „еклектик", што е фин начин да се каже дека тој крадел по нешто од композиторите кои го бендисувале. Како и да е, можеби не се работи за некаков музички гениј, но да не се фател за филозофијата тој сигурно можел да живее како професионален музичар.
Тука список на целата дискографија на изведби на делата на Ниче, кој почнал да компонира уште кога имал само 10 години. И еве еден наш избор oд нив:
Фантазија за пијано
Miserere - а капела хор
Eine Sylvesternacht за виолина и пијано (1863)