Најчестата рута за проверки на Марко води преку тоалетите. Taму постојано открива сомнителни предмети, како поткожни игли или конзерви пиво. Секое подолго задржување на читателите во ВЦ е основа за негова загриженост. Обично на таквите им чука на врата и на несалам англиски им се дере: „ти не серење 45 минути".
Сепак, има и поскришни места од оние кајшто книжевниот цар оди пешки. Одделот за биографии е сместен најдолу во подрумот, и се состои од високи полици и тесни премини - природна територија за палаво однесување. Тука може да се дила, да се дреме или да се има секс, а со оглед на тоа што библиотеката прима околу 2,000 посетители секој ден, сето тоа може да биде и масовно. На не малиот број „палавковци" сепак треба да му се додадат и големиот број бездомници, кои со оглед на долгите зими во Портланд, ги користат овие простории како нивна дневна.
Работата на Марко е тешка - треба да се биде суптилен, за ем да се одржува редот ем да не се вознемируваат оние кои навистина работат. „Библиотеката е како мал град", вели Петровиќ, кој иако е чувар, физички делува како полицаец, облечен во сина униформа, со беџ, радио станица, лисици па дури и бибер-спреј за очи во неговата опрема. Неговиот став делува како војнички, што е и разбирливо имајќи предвид дека неговиот дедо, татко и двајцата вујковци биле воени лица во поранешна СФРЈ, а и самиот тој завршил четиригодишна воена академија.
Но во кризните моменти во неговата некогашна татковина, Петровиќ, кој денес има 36 години, дезертирал од српската армија и емигрирал во САД. Сега фаќа престапници во библиотеката во Портланд, неговиот нов дом, и со арно (прво со муабет во неговата канцеларија) се обидува да ги вразуми. Ако нема друго чаре им ја одзема членската карта, најчесто привремено укинувајќи им го пристапот во објектот.
Но Петровиќ го користи своето присуство во библиотеката и за нешто да научи - го интересира историјата и особено старите мапи. Сака и да си прави муабет со читателите, а нив ги има секакви - пензионери, осамени, мајки со бебиња, тинејџери...Некои доаѓаат за книгите, а други просто да се најдат меѓу луѓе. Она што тој го бара од нив не е да му се плашат. „Почитувајте го ова место. Почитувајте го фактот дека оваа библиотека е јавно добро", им порачува тој.