Чајот и книжевноста имаат допирни точки особено во делата на Британците - познатата чајанка на Лудиот Шеширџија во „Алиса“ на Луис Керол. Важноста на чајот за социјализацијата на ликовите во романите на Џејн Остин, и пиењето чај како симбол на декадентноста на високата средна класа кај Оскар Вајлд („Важно е да се викаш Ернест“) и Роберт Луис Стивенсон („Доктор Џекил и Мистер Хајд“). Славните 11 принципи за правење добар чај на Орвел. Но нам некако најдрага ни е приврзаноста кон чајот на уште еден откачен Британец - Даглас Адамс.
„Долга мрачна чајанка на душата“ е негов хумористичен (и нормално фантастичен) детективски роман од 1998, втор во кој главниот лик е приватниот детектив Дирк Џентли. Насловот е реченица која се појавува во претходен роман на Адамс,„Животот, универзумот и сè“ (третата книга од петтомната „Водич низ галаксијата за автостопери“), и претставува опис на оној период во недела попладне кога завршува викендот а работната недела уште не почнала, кого Адамс го нарекува „црната јама“ на работниот човек:
„Тој не можеше да излезе на крај со неделните попладниња и ужасната празнина која почнуваше да ја чувствува околу 14:55, кога знаеш дека си ги поминал сите бањања кои ти следеле тој ден, дека колку и да зјапаш во кој и да е пасус во весникот никогаш нема да го прочиташ, и дека додека гледаш како стрелките на часовникот се движат бавно кон четири часот влегуваш во долгата мрачна чајанка на душата“.
Артур Дент, пак, главниот јунак во славниот „Автостоперски водич“ е лик навлечен на чај, кој не се откажува од него дури и во вонредни околности. Тој чувствува дека нешто значајно му недостасува откако е киднапиран од вонземјани:
„Одеднаш му текна што е тоа. Има ли чај на свемирскиов брод?, праша тој.
Бидејќи сфаќа дека одговорот е одречен, подоцна, кога наидува на моќен компјутер наречен „Срце од злато“, од него бара да му произведе реален чај, а не недефиниран бљак што го прави машината што се вика Нутриматик синтетизер на пијалоци.
Сепак, за разлика од чајниот пицајзла Орвел, советот за правење чај на Адамс е многу едноставен: „Појдете до првиот супермаркет и купете ерл-греј (ова во зависност од вашата локација можеби ќе подразбере патување преку океанот). Водата треба да врие (не да биде превриена) кога ќе ги допре чајните листови. Веројатно е добро млекото да се стави претходно“. Резултатот:
Дојдете утре (вторник) во Винил од 17-19 часот да испиеме по една шољичка за сите овие писатели опседнати со него. Повеќе за настанот тука
Поврзано: „Вкус на чај“ од Брајан Гловер (Букбокс читанка)