Светицата со круна: приказната за св. Корона (Стефанида)

Соочени со близината на можната смрт заедниците се навраќаат на подзаборавени верувања и обреди. Кај нас, на пример, од камионче се осветуваа улиците на Велес. Во католичката црква, пак, се сетија дека постои светица под име Корона. Кај нас таа се слави заедно со св. Виктор, на 11 ноември, и се вика св. Стефанида. 

24 ноември (11 ноември по стар стил) е денот на светите Виктор и Корона, чие име во православниот календар е Стефанида (од грчкото stephanos - круна, грчката верзија од нејзиното латинско име со исто значење).

Виктор бил римски војник, кој служел, според една верзија, во градот Дамаск во Сирија во текот на владеењето на Марко Аврелиј (170 година н.е.). Кога императорот почнал да ги гони христијаните тој бил мачен, ослепен, а потоа и обезглавен.

Додека страдал, 16-годишна сопруга на еден од мачителите, Корона или Стефанида, го тешела и охрабрувала. Поради ова била затворена и исто така подвргната на мачење. На крај била врзана со нозете за две оптегнати палми, кои кога биле отпуштени ѝ го раскинале телото. Токму поради тоа палмините гранки се симбол со кој често се претставува.

Св. Корона е особено почитувана во Австрија и Германија. Кралот Ото Трети ги пренел нејзините остатоци во градот Ахен, каде се наоѓаат и денес. Неодамна од катедралата во овој град известија дека планираат изнесување и јавно прикажување на реликвиите во склоп на поголема изложба која била и претходно планирана, но која сега добива на актуелност.

Истовремено, по интернет, особено во католичките средини, почнаа да кружат слики од светицата кои споделени како Фејсбук пост наводно штитат од вирусот. Сепак, таа не се спомнува во контекст на суеверија поврзани со болести и епидемии, туку со такви кои вклучуваат пари, коцкање или потрага по богатство.

26 март 2020 - 09:51