На 14 февруари, можеби намерно симболично за да коинцидира со Денот на вљубените, ќе биде објавена „Канибализам: совршено природна историја“ од Бил Шут (Bill Schutt), истражувач во Американскиот природонаучен музеј. Според него, идејата дека луѓе можат да јадат други луѓе секогаш ја демне колективната западна потсвест, и претставува можеби позастрашувачки концепт дури и од инцестот.
Новата студија на канибализмот сепак не се фокусира само на човекојадството, туку и на истата практика низ целото животинско царство. Таа може да нè научи многу за еволуцијата, болестите, расизмот, па дури и за...љубовта.
До неодамна јадењето на сопствениот вид се сметаше за девојантно однесување кое се појавува како реакција на екстремни ситуации, како прегладнетост или заточеништво. Но денес тоа се сфаќа како карактеристика која варира од „фриковска“ до сосема вообичаена, во зависност од животинскиот вид.
„Канибализмот врши голем опсег функции, а постојат и примери во кои поединецот кој е изеден всушност на тој начин добива корист од истото“, вели Шут. Жаби јадат други жаби. Некои мајки-полжави несат две групи јајца - една која треба да се изведе, а друга која служи за прехрана на првата (некој вид бебешка храна). Во нешто што се нарекува „екстремен чин на родителска грижа“, женките на еден вид црн пајак ги повикуваат нивните малечки да ги изедат живи.
Помеѓу безрбетниците има и некои правила: жените канибализираат почесто од машките, а први кои се изедени се најмалите и најстарите. Практиката постои и на повисоките нивоа на синџирот на исхрана, иако кај цицачите е помалку вообичаена. Зајаците, глувците и ежовите понекогаш си ги јадат своите млади кога има големо потомство за кое нема доволно храна, или ако бебињата се родени мртви или деформирани. И ова го прават самите мајки. Помеѓу шимпанзите, нашите најблиски роднини, возрасните од обата пола знаат да убијат и изедат бебиња кои не се поврзани со нив заради глад, па дури и заради секс (оние женки на кои ќе им бидат изедени малите влегуваат во еструс, односно се плодни за еден месец, за разлика од другите кои нема да бидат „на располагање“ уште некое време).
На патот на проучување на канибализмот кај луѓето стои - културата. Табуата во врска со јадењето човечко месо се толку силни што никој од древните народи не запишал дека ја спроведува таквата постапка. И она што постои како податок често е хиперболизирано и без докази. Чести се обвинувањата за човекојадство базирани на расизам и опортунизам. И покрај тоа што ренесансните Европејци биле згрозени од човекојадството на далечни народи тие практикувале тн. „медицински канибализам“, пиејќи или ставајќи на себе препарати направени од човечки делови на тело, вклучително и крв која била земана како лек за епилепсија.
А кои се тие видови кај кои канибализмот е во полза на изедениот? Црвеногрбиот пајак, откако ќе копулира со женката која е пет пати поголема од него, понекогаш бива проголтан, или поточно вшмукан од неа. Зошто ова му се „исплаќа“? Канибализираните мажјаци „копулираат подолго и произведуваат побројно потомство од оние кои не ја доживуваат оваа судбина“.
Толку за „ќе те изедам“, кажано од љубов.
Поврзано: „Сведок“ од Хуан Хосе Саер (Букбокс читанка)