Во 2007, осумдесет писатели и критичари од шпанското говорно подрачје одбраа сто најдобри книги на овој јазик. Меѓу нив беше и „Сведок“ на еден од најзначајните аргентински, и воопшто јужноамерикански писатели на 20 век.
Биографските информации за Саер на англиски се прилично скудни - роден во малото место Серодино во 1937, тој потекнува од родители со католичко, сириско-либанско потекло. По објавувањето на збирка раскази и три романа во шеесетите, добива стипендија да замине за Париз, каде останува до крајот на животот. Следи неговиот зрел книжевен опус, кој во целина опфаќа 12 романи, пет збирки раскази, есеи и поезија.
„Сведок“, објавена во 1983, жанровски е тешко да се одреди. Од една страна може да се категоризира како историски роман, затоа што се одвива во минатото, за време на настан кој ќе го промени ликот на тогашниот свет - откривањето и освојувањето на Америка. Од друга страна, тоа е психолошки роман, за момче кое десет години живее со канибали, намерно оставен неповреден (и неизеден) за да може, кога ќе се врати од таму од каде што дошол, да сведочи за она што го видел. Книгата е и филозофска, затоа што ги спротивставува вредностите на двата света - „примитивниот“ и „цивилизираниот“, поставувајќи го безимениот главен лик некаде во средината на таа флуидна територија, која се поместува секогаш кога ќе помислиме дека Саер конечно ги дефинирал моралните и културните координати на секој од нив, секако во корист на „нашиот“. Во најшироката смисла на зборот, ова е и политички роман, затоа што ги преиспитува општествените вредности, така што човекојадството на моменти изгледа сосема „логично“ и општествено оправдано споредено со освојувањето и уништувањето на туѓи култури со оган и меч.
Најмногу од сè, „Сведок“ нè потсети на раните етнографски записи за далечни народи и култури, направени од луѓе кои не биле за тоа обучени, но кои знаеле дека средбата со Другите треба да се регистрира што е можно поподробно, како доказ дека тие навистина биле Таму и Тогаш. Тоа што описот на тие други, понекогаш радикално различни култури од нашата, всушност многу ни кажува за тоа како е Тука и Сега, во оваа книга е искористено во најсуптилната можна форма - не како пародија или сатира, туку како меланхолично сознание.
16 век е, и брод испловен од некое од шпанските пристаништа се закотвува во непознато, далеку од дома. Еден момок, петнаесетгодишно сираче (како што всушност е и буквалниот превод на насловот на книгата - El entenado), кој заради својата андрогиност и неискуство е сексуално и на друг начин малтретиран на бродот, станува единствениот преживеан од средбата на бродскиот екипаж со племето вооружено со лакови и стрели. Ова е повеќе негова судбина отколку чиста среќа - тој е одбран да биде „деф-ги“, термин кој до крајот на книгата не е сосема јасен, но најверојатно претставува посебна титула, на аутсајдер кому му е доделена привилегија нахранет, напиен и недопрен да биде хроничар на она што ќе го види, на сведок но и на сираче, во смисла на тоа дека тој веќе не ѝ припаѓа на ниту една култура-родител. Во текот на книгата има и други „деф-ги“, но тие не остануваат толку долго во племето колку нашиот лик.
А првата сцена којашто тој ја сведочи на самиот почеток од книгата е страотна - сите негови сопатници, низ детално разработена процедура, се најпрвин обезглавени а потоа ставени на ражен. Следи гозба и оргијастичко расположение, од кое племето не може да се опорави подолго време, и од која има ранети и мртви. Но потоа, до следната гозба до која може да помине и една година, животот на племето е неверојатно строг - никој телесно не општи и не врши нужда во јавност, се води неверојатна сметка за хигиената и за воспитувањето на децата. Стварноста, од која повремено забегуваат, за овој народ е нешто толку несигурно, што на неа треба постојано да се работи, таа да се одржува но и секојдневно ре-креира.
„Ако бури или оган ги уништеа градбите, ако водата ги изгниеше кануата или ако постојаната употреба ги истрошуваше или ги кршеше предметите, тоа беше затоа што грдото скриено лице на светот, составено од непостоење и од црнила, кое пак е конечна вистина на сите нешта, ги напушташе своите природни граници и почнуваше да го нагризува видливото. Кога не излегуваа на лов или на риболов Индијанците го минуваа времето поправајќи нешта. Многу ретко се одмараа. За нив одмарањето беше губење почва пред лепливоста што им додеваше. Требаше да се одржува, колку што е можно верно на себе, тоа нерамно парче земја што го населуваа и што се чинеше дека се материјализира благодарение на нивното присуство. Целината требаше да биде, во форма и во количество, еднаква, и тоа во секој момент. Штом некој ќе починеше, со нетрпение се исчекуваше следното раѓање, несреќата мораше да биде надоместена со некое задоволство, а доколку им се случеше нешто пријатно, не се смируваа додека не се случеше нешто подносливо лошо, за да ги врати нештата во нивната првобитна состојба“.
Диво племе кое навидум ужива во хаосот, од време-на време поттикнувајќи го, е всушност опседнато од одржување на редот, кој е потврда и основа на постоењето. Без таквата надворешна афирмација, нивниот свет е на граница на илузија. Ваквиот светоглед го отсликува и нивниот јазик, во кој нема ниту еден збор за „сум“ или „се наоѓам“, туку најблиску до тоа е „се чини“. „Ако сакаат да кажат дека има едно дрво или дека едно дрво е дрво, велат - се чини дрво“.
После десет години племето ненадејно одлучува дека на Сведокот му е истечен „мандатот“ и го пушта со кајче низ реката до најблискиот шпански камп. Момчето е „спасено“ и вратено дома, каде се описменува и почнува да патува со театарска трупа, која изведува претстава кој тој самиот ја пишува врз основа на неговите искуства, но често претерувајќи и доведувајќи го раскажаното до апсурд. Публиката тоа сепак не го забележува и водена од сопствените желби и очекувања целосно му верува. Ова е моментот кога и ние како читатели треба да донесеме одлука, дали она што веќе сме го прочитале е фикција, или стварност, која постои затоа што е раскажана? Но веќе е доцна - книгата тука завршува, а ние сме веќе доволно навлечени на приказната, за да може да се сомневаме во неа.