Спротивниот табор вели дека не може да бидеш површен кога минуваш долго време на вода, борејќи се со бранови, пред кои сме сите исти. Така вежбаш понизност и дисциплинираност. Па сепак и ова објаснување се потпира на она што суферот го прави, а не на она што тој го вели. За вистинска одбрана на филозофските позиции на сурферите е потребен некој кој е доволно добар во оваа дисциплина, но и реализиран сурфер.
Таков е Аарон Џејмс, професор по филозофија на Универзитетот во Калифорнија Ирвин. Целта на неговата нова книга „Сурфање со Сартр“ е да ја артикулира специфичната филозофска вредност на начинот на живот на сурферите. Неговиот заклучок во основа е: „Она што го знае сурферот, во смисла на тоа како да јава на бран, ги преиспитува границите - на слободата, контролата, среќата, општеството, нашата врска со природата и смислата на животот“.
Тој е свесен дека ова некому може да му изгледа како „комично градниозна рационализација“ на неговото омилено хоби. Но сепак нуди концепт кој е истовремено интуитивен и многу „логичен“ - оној на „адаптивно штелување“. Тоа е суштината на сурфањето - да бидеш наштелуван во однос на променливиот феномен надвор од себеси (бранот), да се прилагодиш на него така за да бидеш воден од неговите сили, и сето ова да го правиш не за некаква награда, туку заради задоволството од самиот чин.
А каква врска има ова со Сатр? Во еден пасус во неговото „Битие и ништожност“ тој ја опишува човечката можност да се измисли себеси „од ништо“, радикално неограничен од светот кој го опкружува. Како метафора се послужил со скијањето (снегот е мек, па скијачот лесно ја наметнува својата волја за бираната насока), но сметал дека уште подобар би бил некаков вид „лизгање на вода“. Трагата која ја остава водениот „лизгач“ веднаш исчезнува, што подразбира уште повисок степен на автономија во однос на светот. Но изгледа никогаш не бил чул за сурфање.
Џејмс жали што на Сартр не му текнало на сурфањето, бидејќи да било така можеби ќе заземел поинаква теориска позиција. Имено, Сартр бил „некомпатибилист“ - сметал дека слободата е во спротивност со детерминистичкиот универзум кој го наметнува физиката. Но Џејмс е „компатибилист“ - смета дека постои чувство на слобода кое не е спротивно туку е вградено ВО законите на природата, но кое може да се почувствува само доколку се работи на спомнатото прилагодување, кое ја овозможува слободата навидум ограничувајќи ја. Слободата е работа на надминување на твојата волја и прифаќање на размената, на двонасочната врска, помеѓу она што го правиш и она што не можеш да го правиш заради силите кои те ограничуваат во тоа. Во детерминистички универзум, слободата е чувство на „ефикасност без контрола“. Иако за постигнување на ова се потребни часови и часови сурфање (или занимавање со која и да е друга вештина), односно пружање отпор кон канцелариските, семејните и разните други видови ограничувачи на слобода.