Том Голд (Tom Gauld, 1976) е шкотски стрип цртач, илустратор и редовен соработник во неделното издание на Гардијан. И покрај тоа што е релативно млад има импресивна бројка издадени книги, меѓу кои и шеснаесет стрип албуми. Последниот, излезен пред точно една година, под наслов „Сите само ми љубоморите на мојот ракетен појас: стрипови" (You're All Just Jealous of My Jetpack: Cartoons) содржи брилијантни сатирични парчиња кои се однесуваат на книжевноста и сите нејзини стапици, и за оние кои ја создаваат, и за нејзините читатели.
Опишана како форма на мета-литературна критика, книгата визуелно парафразира ставови на познати автори во врска со пишувањето, на пример она на Буковски за оправдувањата кои ги смислуваат писателите кога не им оди (горе), или укажувањата на Вирџинија Вулф во однос на опасностите од тоа од вашата книга да биде направен филм.
Но и без да се знае изворот на инспирација на некој од стриповите, во нив ќе се препознае секој кој се обидел да го прочита „Улис" или да го следи патот на некој неологизам од неговата прекумерна употреба во некој период, до гробиштата на заборавените зборови. Еве избор од книгата: