Влегувате во затемнета соба и седнувате на вечера со група луѓе. Месо, компири и грашок, прилично обично но вкусно јадење. Стекот е испечен токму како што сакате. Компирите се меки, грашокот свеж и сладуњав. Таман да каснете уште едно залче, се пали светлото.
Погледнувате во јадењето - вкусниот стек и компирите се претвораат во хорор глетка. Месото е неонско сино, компирите се зелени, а грашокот џиж црвен.
Џоел Харолд Таненбаум во статија во списанието „Јазик, создавање на митови и нивно пренесување“ опишува едно вакво сценарио кое како приказна циркулира повеќе од четири децении во и вон академските кругови. Тоа се однесува на наводен експеримент од 1970-тите со храна обоена во необични бои, сервирана под „специјално“ светло кое правело на почетокот таа да изгледа нормално. Студијата е масовно цитирана во рецензирани списанија и дисертации и во релевантни медиуми. Таа се однесува на перцепцијата на бојата во маркетингот и на улогата која таа ја игра кај потрошувачите.
Но во ова има една закачка - таков научен експеримент никогаш не се случил. Првите гласини за него се појавуваат во статија од 1973 во американското списание „Маркетинг“. Таму не постои никаква релевантна референца за тоа кој ја спровел и кога, но самата приказна очигледно била толку фасцинантна што текстот е илустириран со цела средна страница на која има светло син стек, светло зелен помфрит и црвен грашок.
Митот за храната во боја инспирирал уметници - Алфред Хичкок во 1970 тврдел дека некој му послужил цел оброк од обоена храна на некаква забава, а знаејќи го неговиот циничен смисол за хумор можеби само сакал да ги исмева оние што ширеле вакви гласини. Но имало и новинари и писатели кои додавале „боја“ на постоечката приказна, опишувајќи како сведочеле дека на луѓе им се слошувало и повраќале кога ќе станеле свесни за тоа дека јадат син стек.
Позадината на сето ова, според Таненбаум, е реално експериментирање на американската Федерална агенција за храна со прехранбени бои, што довело до забрана на некои синтетички црвени и портокалови бои во 1950-тите. Гласините кои се ширеле цела деценија и повеќе покажуваат дека јавноста во тој период била опседната со индустријата на производство и пакување на храна, како и со тогаш новата технологија на засилување на вкусот. Се појавил страв дека она што се гледа и се јаде не е автентично и „реално“, односно дека е опасно по здравјето. Да си признаеме, и ние не сме сигурни како би реагирале ако одеднаш пред нас силно светне пембе розе брокула.