Регрутиран во 1944, на 16-годишна возраст, тој служел во тенковските единици на елитните СС-трупи - ова Грас го изјави дури во 2006, во интервју за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, а во склоп на промоцијата на неговата автобиографија „Лупејќи го кромидот". Ваквото доцно признание многумина го оценија како опортунистичко и кукавичко, а имаше и барања тој да ја врати и Нобеловата. Силните реакции, особено во Германија, беа резултат на фактот што Грас беше сметан за најпознат германски жив автор, којшто во неговите дела - особено во првото, „Лимениот барабан", кое му донесе меѓународна слава - зборува токму за неподготвеноста на Германците да се соочат со сопственото минато.
И покрај разочарувањето од реакциите на неговата инаку сосема кратка војничка кариера (после неколку месеци бил ранет и испратен во американски камп за воени затвореници), Грас не жалел за тоа што целиот живот се занимавал со тешки теми, врзани со неговата татковина: „Да бев шведски или швајцарски автор ќе си дозволев поголема лежерност, ќе кажев неколку вицови и толку. Но со оглед на моето потекло, едноставно немав друг избор".
При крајот на животот Грас на уште два наврати ги полнеше медиумите, првиот пат (за што пишувавме тука) заради неговата критика на израелската нуклеарна програма и односот на Германија кон неа, а вториот пат (за што пишувавме тука) низ песна со наслов „Она што морам да го кажам" се стави на страната на Грција, нарекувајќи ја европската политика кон неа - срамна.
Во прилог трејлерот за „Лимениот барабан" - филм на Волкер Шлендорф, за детето кое одбива да порасне и да се соочи со тешката реалност. Тој освои Златна палма во Кан во 1979, како и Оскар за најдобар филм од неанглиско јазично подрачје