„Универзумот (кои другите го нарекуваат Библиотека) се состои од неодреден, и веројатно бесконечен број хексагонални галерии" - вака гласи описот на Големата библиотека на Борхес. Сега Џонатан Бејзил (Jonathan Basile), автор од Бруклин, ја има ре-креирано истата идеја како сајт. Резултатот е восхитувачки - вистински сајт-лавиринт, креацијата на Бејзил е обид да се напише и да се објави секоја можна приказна. Во интервју за Flavowire тој ја објаснува неговата идеја:
„Сајтот е обид за виртуелно претставување на светот на Борхес - библиотека којашто ги содржи сите можни комбинации букви, плус сите книги кои некогаш биле или можеле да бидат напишани. Тоа е универзум кој истовремено е библиотека, бескрајни хексагонални простории за читање населени само од библиотекари. Во нивниот свет нема дури ни храна (иако имаат тоалети). Библиотеката создава едно измачувачко ветување на разумот - некаде на тие страници се сите дела кои изгореле во Александриската библиотека, и секое идно ремек-дело - но истовремено сето тоа е запретано во бесконечни страници глупости. Заради тоа библиотекарите се прилично меланхолични луѓе.“
За да го направи сајтот тој морал да научи да програмира од нула, но едноставно не можел да се помири дека никој до сега не се обидел да се фати во костец со задачата, којашто изгледа како природно продолжување на способностите на компјутерите. Неговите објаснувања за начинот на којшто е конструирана библиотеката за нас е претехнички, но она што го сфативме е дека се работи за огромни бројки и комбинации на букви, кои за да бидат верни на идејата на Борхес морале да бидат случајни.
Така дошол и до идејата за отварање на Твитер сметка, Permuda Triangle, којашто ги постира сите можни комбинации на 140 карактери, што дало интересни резултати - луѓето во нив го гледаат она што го сакаат, а има и што да толкуваат, бидејќи акаунтот испраќа 2400 твитови дневно.
Она што е различно од Борхесовата библиотека е што оваа користи различна абецеда, односно е имплицитно англиска. Тоа значи дека не е универзална, ниту пак некогаш може да биде. Тука можеби лежи и иронијата на оригиналниот креатор на бесконечната библиотека - ако прифатиме дека нешто толку едноставно како знак за акцент (присутен во еден, а отсутен во друг јазик) може да направи голема разлика, тогаш каков и да е обид за универзален јазик секогаш ќе биде прогонуван од она што е изоставено, и од оние јазици кои допрва треба да бидат создадени.
Целото интервју со авторот тука
За да влезете во бескрајниот лавиринт и да си потрошите неколку часа, тука