Чуварот на мостот: Стоп! Како се викаш?
Кралот: Артур, крал на Британците.
Чуварот: Каков е твојот поход?
Кралот: Да го најдам Светиот грал.
Чуварот: Која е брзината на летање на ненатоварена ластовица?
Кралот: Како мислиш? Африканска или европска?
Ова е еден од антологиските дијалози од „Монти Пајтон и Светиот грал", првиот вистински филм на Пајтоновци, од 1975. Таа година тој доживеал огромен успех, станувајќи најпрофитабилниот британски филм прикажан во САД. Но и по 40 години тој е класика, не само за фанатичните обожаватели на Монти, туку и на оние кои се по добрата комедија.
Одлична мешавина на софистицирана и едноставно блесава приказна, таа ги вклучува сите изразни средства на жанрот - игри со зборови, апсурд, сатира и автоиронија. Една од незаборавните сцени е онаа од почетокот на филмот, кога Артур и неговиот слуга Петси јаваат на невидливи коњи, додека вториов тропа на лушпи од кокосов орев, имитирајќи коњски топот. Иако делува како намерна финта, Пајтоновци се решиле на ова бидејќи немале пари за изнајмување вистински коњи, а тропањето со кокос го ископирале од истата практика во радио драмите. Германскиот превод на насловот на филмот се фокусира токму на овој момент, па таму тој бил прикажуван како „Витезите на кокосот".
Филмот си поигрува со форматот на херојскиот наратив и со митологијата на Британците, но и со тогаш (а богами и се уште) актуелни идеолошки матрици. Селанецот Денис, кога се среќава со кралот, протестира зошто овој автоматски го третира како инфериориен. „Па, јас сум крал", вели овој најприродно. „Крал, а? Баш фино. А како се станува тоа? Со експлоатирање на работниците? Со држење до надмината империјалистичка догма, која ги одржува економските и социјалните разлики во општеството?", му вреска селанецов.
Од сите сцени во филмот, за крај, сепак оваа - Витезите кои викаат „ни!"