„Што велиме вообичаено кога сакаме да ревидираме некоја долготрајна практика или шема којашто веќе не ни е од корист и која престанала да дава добри резултати? Почнуваме со стереотипиниот израз: Па тоа не е врежано во камен! Ама што ако она што плаче за ревидирање е токму такво - врежано во камен - кој е оној кој ќе посегне по длетото?" - вака почнува текстот на Хиченс објавен во 2010 во Венити Фер, којшто беше придружен со осуминутно видео на истата тема.
Хиченс прави детална анализа на сите десет заповеди, историскиот и културолошкиот контекст кој го изискувал нивно нормирање, но и контрадикторноста на некои од нив со други одредби во Стариот завет. Се разбира, сето ова не без иронија, како во случајот со седмата заповед: не врши прељуба.
„Вонбрачното телесно познание било поголема закана за општество каде семејствата и племињата биле врзани со строги кодекси на чест. Но обезбедувајќи го сировиот материјал за повеќето драми и романи некогаш објавени на не-блискоисточни јазици, неверството продолжува да биде извор на несреќа и радост и фасцинација. Повеќето правни системи одамна кренале раце од тоа да го казнуваат со закон: неговите награди и казни се внимателно спроведувани од практикантите и жртвите на прељубата. Веројатно не заслужува да биде класифицирано во ист пакет со убиство, кражба или лажно сведочење".
За некои одредби Хиченс нема никакви замерки, како на пример за „Не кради" - оние кои напорно работеле за својот имот според него имаат право да ги презираат оние коишто повеќе би сакале да крадат отколку да работат. Сепак, повеќето од заповедите според него можат да се редефинираат, така за да одговараат на современите проблеми со кои се соочува поголемиот дел од човештвото.
Еве ги Хиченсовите 10 заповеди:
1. Не ги осудувај луѓето врз основа на нивната националност или боја на кожа
2. Никогаш не ги користи луѓето како приватна сопственост
3. Презирај ги оние кои користат насилство или закана во сексуалните односи
4. Засрами се ако некогаш се осудиш да повредиш дете
5. Не ги осудувај луѓето заради нивната вродена природа
6. Биди свесен дека и ти си животно и зависиш од природата, мисли и дејствувај согласно тој факт
7. Не замислувај дека можеш да избегаш од казната ако ги ограбуваш луѓето со лажни ветувања, наместо заканувајќи им се со нож
8. Исклучи го ебениот мобилен
9. Наречи ги сите џихадисти и крстоносци со вистинското име: психопатски криминалци кои страдаат од грди заблуди
10. Биди подготвен да отфрлиш каков и да е бог или религија доколку некоја света заповед се коси со било што од погоре наведеното
Ова е инструктивното видео:
На слична тема говореше и Џорџ Карлин: