Средовековната епидемија на „лудо танцување“

Јуни 1374. Во денешен Ахен, Германија, празникот Св. Јован Крстител требало да се прослави вообичаено, како ден за одмор и молитва. Но наместо тоа, најпрвин во мали групи, а потоа масовно, луѓето почнале да играат како да се на техно журка.

Слуги, благородници, мажи, жени, стари и млади - сите учествувале во „танцувачката чума“ на Ахен од 14 век. Биле плаќани и музичари, понекогаш да свират за излекување на жртвите на танцувачката манија. „Заболените“ се фаќале за раце во круг и играле најпрвин бавно, а потоа сè побрзо и побрзо. Притоа го извикувале името на Бога или на Сатаната, или обете. Движењата им биле хистерични и траеле долго, без запирање за храна или вода.

Кога конечно се стемнило, групите се разотишле. Но на места останале мртви од скршени ребра или од инфаркт. Кога осамнало, преживеаните повторно почнале да играат. И така неколку недели, додека еден ден, сосема неочекувано, „танцувачката чума“ не исчезнала од Ахен, а луѓето се вратиле кон вообичаените активности. До тогаш „болеста“ се проширила и на други градови во Германија, но и во Белгија, Холандија.

Во Стразбур истиот феномен е регистриран во 1518. Во книгата „Време за играње, време за умирање“, историчарот Џон Валер цитира докторски белешки и документи на градските власти, кои несомнено укажуваат на тоа дека градот бил зафатен од танцувачка чума. „Болните“ немале симптоми на епилепсија или на други видови болести кои би резултирале со грчеви. Сепак, и покрај некоординираноста, Валер вели дека нивните движења биле ритмички и изгледале како танц.

Една од теориите кои се обидува да ги објасни танцувачките чуми има врска со нивниот тајминг. Кога таа се појавила во Ахен, онаа другата, бубонската чума се уште била во свежо сеќавање на жителите, кои страдале од нешто кое денес би го опишале како пост-трауматски синдром. Цели семејства биле уништени преку ноќ, мртви лежеле по улиците, а смртта демнела зад секој агол. Со оглед на толкувањето на црната смрт како Божја казна, некои од екстремните реакции вклучувале ненајдена религиозност и покајување за гревовите, или спротивно, радикално уживање воочи неминовната смрт и славење на „нечастивиот“. Френетичното танцување оттаму се толкува како реакција на споделениот стрес, или заразен (што би рекле денес - „вирален“) обред на некаква еретичка верска секта.

Има додуша и понакви толкувања, како тоа дека некаков биолошки агенс може да е одговорен за необичното однесување, на пример труењето со габа која може да се појави на ’рж или друга житарица после долги периоди на влага, а која предизвикува грчеви и халуцинации.

Како и да е, „злокобниот танц“ (Dance Macabre) ги инспирирал уметниците да ја прикажат Смртта како скелет, кој ги води луѓето до гробот танцувајќи. Без оглед на богатството или возраста, сите мораат да се придружат на овој, последен танц. Оваа алегорија станала стандард за декорирање на гробишта, цркви и фасади низ Швајцарија, Англија, Германија, Италија и низ Источна Европа. Славниот Ханс Холбајн помладиот направил серија графики на темата во 1520-тите (слика горе), а истиот мотив може да се сретне и денес во популарната култура.

Црната смрт предизвикала големо реструктурирање на општеството, и премин од среден век во ренесанса. Откритијата и оригиналноста на овој период во човечката историја немало да бидат можни доколку луѓето од 14 век не ги процесирале ужасите на Црната смрт. Танцувањето и сликањето на ваквите сцени можеби биле дел од тој терапевтски процес.

извор

30 април 2020 - 11:12