Во време на СФРЈ по правило најдобрите книги од речнички и енциклопедиски тип излегуваа во Загреб, со оглед на тоа што таму беше сместен Југословенскиот лексикографски завод. По некоја инерција, и по распадот на Југославија во Хрватска почесто има вакви изданија во споредба со останатиот постјугословенски простор. Но еве еден исклучок кој доаѓа од Србија - издавачот Службен гласник неодамна ја објави Енциклопедијата на стравот, кој ја потпишува Љубомир Ериќ со соработниците.
Авторот на почетокот на книгата признава дека да се пишува енциклопедија на ваква тема во извесна смисла е претенциозно, но истовремено тоа за него бил голем предизвик, со којшто сакал да го заокружи своето повеќедецениско интересирање како психијатар и психотерапевт за психолошките и психијатриските значења на стравот во животот на луѓето.
Енциклопедијата почнува со мото не од Фројд или Јунг, туку со извадок од Андриќевите „Знаци крај патот":
„Го посматрам стравот од различни видови во себе и околу себе, и сè ми се чини дека луѓето и не се плашат заради она што го велат и од што мислат дека се плашат, туку заради својот роден страв. Стравот лежи во нив и демне и чека, како гладен пајак, нешто да му ја затресе мрежата на човечките нерви. Тогаш почнува да го исполнува целиот човек, му ја поматува мислата, му го замаглува видот, му ги потсекува нозете, прави од него слепа и немоќна жртва за непознатата сила, која треба да го проголта".
Тоа што на почетокот на енциклопедијата се цитира писател е само знак дека освен обработените поими од медицината таа содржи и такви блиски до филозофијата, книжевноста и уметноста. Стравот е суштински дел од современиот свет и од неговата култура и не може да се сведе исклучиво на патолошка категорија. Во таа смисла ова издание е повеќе наменето не за стручните лица, туку за заинтересираните лаици. Првата одредница е „абнормално", а последната „жолта грозница".
Секако, таа може да се чита и како некаков постомодерен роман, скокајќи од поим на поим во сите можни правци. Како што вели Мухамед Баздуљ во неговиот осврт кон книгата во белградско Време (само за претплатници), читајќи за тие различни стравови - од Бог, од цунами, од испит, од јавен настап, од кастрација, од комети, од наезда на скаклуци, од пропаст на светот, од смрт, од оган, од змија и од живот - почнуваме сите нив по малку да ги препознаваме во себе, сфаќајќи дека единственото нешто од коешто најмногу треба да се плашиме е всушност токму стравот.