Спорт и политика: како изгледале олимписките игри во средниот век?

Вообичаено мислење е дека Олимпијади во средниот век едноставно немало. Но тоа не е сосема точно - меѓународни спортски натпревари сепак се одвивале, со трки со кочии и рицарски дуели.

Утре, 23.8., ќе започне Олимпијадата во Токио, најверојатно без гледачи и со куп контроверзи. Но деталите од досегашните Олимпијади главно се забораваат, а остануваат значајните настани кои се вградиле во модерната историја, како победата на Џеси Овенс во нацистички Берлин во 1936 или соочувањето на американскиот и советскиот хокеарски тим на Олимпијадата во Лејк Пласид, Њујорк во 1980, среде студената војна, кога тимот на САД го победил четирикратниот олимписки победник со 4:3, настан кој од тогаш се нарекува „чудо на мразот“.

Но историјата на Олимписките игри е модерна измислица, а нејзините корени содржат голем број митски елементи. Така, се смета дека во „мрачниот“ среден век олимписките игри, како и многу други нешта, едноставно не се одржувале. Главниот виновник бил подемот на христијанството, кое на игрите гледало како на политеистички остаток.

Но нови истражувања покажуваат дека регионални Олимпијади, со полу-професионални атлети кои патувале за да се натпреваруваат низ Медитеранот, продолжиле иако со намален интензитет. Тој се должел пред сè на економски причини, бидејќи финансиското спонзорирање веќе не се вршело од страна на државата туку од приватни донатори. Сепак, Олимписките игри продолжиле до раниот шести век. До 11-тиот во Византиското царство продолжиле трките со кочии, а натпреварувачите главно биле робови од Средоземјето. Иако голем број од нив умирале во текот на трките, некои станувале славни и богати. Таков е примерот со извесен Калпурнианус, кој победил во над 1100 трки.

Исто како и денес, спортот бил поврзан со политиката, а трките можеле да играат централна улога во судбината на империјата. На пример во 532 избувнала голема буна на Хиподромот во Константинопол кога фановите на двата најголеми тимови - Сините и Зелените - се здружиле и ги нападнале царските службеници. Царот Јустинијан дури размислувал да го напушти главниот град со својата жена Теодора, која била поранешна актерка и чие семејство било дел од Зелените. Но таа го убедила дека бегството во очите на народот ќе значи намалување на неговиот авторитет, па тој ѝ наредил на армијата да излезе на крај со бунтовниците. Легендата вели дека притоа настрадале 30,000 луѓе.

На Запад, трките со кочии не биле толку популарни, но во средината на 11 век витешките турнири биле спектакл. Натпреварувачите настапувале на натпревари низ Европа, со своите тимови, опрема и коњи. Во нив мажите во оклопи качени на коњи се обидувале да ги симнат од седлата своите опоненти користејќи копје и штит, или да се борат на нозе со отапени (но сепак опасни) оружја за да се одреди кој е подобриот воин.

Спортската историја е дел од општата историја, бидејќи таа го отсликува времето во коешто се одвивала. По пауза од неколку векови во кои благородништвото загубило интерес за турнири, на крајот на 19 век Олимпијадата повторно се појавила благодарејќи на комбинација на растечки национализам во Европа и предефинирање на машкоста на елитните бели мажи, кои ставале акцент на физичкото образование. Во 1896 првите модерни игри се одржале во Атина, а од утре натаму во Токио, испишувајќи уште една страница од олимписката историја.

извор

22 јули 2021 - 11:19