Пијаното Виктори Вертикал било произведено во вонредни околности, среде Втората светска војна. На компанијата Стенвеј тогаш ѝ било наредено да престане да прави инструменти, за да се намали употребата на материјали кои би можеле да бидат корисни за во тој момент поважна намена. Но во 1942 од неа било побарано да направи пијано соодветно за употреба од американската војска.
Прототипот бил дизајниран од синот на сопственикот на компанијата, Хенри З. Стенвеј во јуни 1942. Со „само“ 206 килограми, тој можел да биде пренесуван од четворица мажи користејќи летвички вградени под клавијатурата. Користениот лепак бил водоотпорен а целиот инструмент бил третиран со инсектициди.
Производната цена за едно вакво пијано било 500 долари. Боите варирале во зависност од тоа дали тие биле наменети за пешадијата, оклопните единици или воздухопловството (зелена, сива и сина). Инструментот бил дизајниран да биде робусен и доволно мал за да може да патува со авион или со брод (има и податоци дека некогаш бил доставуван до трупите и фрлен со падобран!). Неговата конструкција предвидувала само 10% од металот кој се користи за традиционално пијано, а компонентите биле засилени во квалитет, за да може да ги издржи вонредните околности.
До крајот на војната биле произведени дури 2.436 вакви пијана, но потоа на компанијата ѝ било дозволено некое време да продолжи да ги прави и за цивилна употреба. Се смета дека вкупно биле направени околу 5000, а денес се сочувани примероци во Алабама, Тенеси, Ајова и Мичиген.