Прашањето можеби изгледа бизарно, но обредноста поврзана со смртта, каква што подразбира и денешниот празник Задушница, меѓу другото има за цел да го намали стравот од неминовното, и потсетувајќи нè на смртта на оние кои заминале пред нас за момент да помислиме и на нашата.
Не сум сигурна дали световна музика е дозволена на верски погреби (за христијанските треба да го прашаме отец Пимен), но во други средини таа е вообичаен дел од церемонијата. Постојат и топ листи на најчесто пуштаните (или свирените) песни на погреби. Според податоци на најголемата погребна фирма во Британија, Funeralcare, во текот на 2012 година музика била пуштана на 30,000 погреби кои тие ги организирале, при што поп музиката ги натсвирила традиционалните верски химни во однос 2:1.
Најчесто свирена била My Way на Синатра, кој на списокот од триесет најпопуларни погребни песни има уште шест, и оттаму е најзастапениот „погребен“ музичар. На листата се и Роби Вилијамс, дуетот на Сара Брајтман и Бочели, Селин Дион и Нет Кинг Кол. Свештениците ретко имале замерки на одбраните песни, освен во случајот со Imagine на Ленон, заради стихот „Imagine there's no heaven".
Мене не само што не ми пречи да размислувам на оваа тема, туку веќе имам и договор со другар ми Јордан дека на хармониката би ми ја исвирел „Cold Cold Ground". Иако потајно се надевам дека сепак до тогаш ќе постојат и крематориуми, или дека барем нема да биде зима. Ако не ви е шубе од темава, повелете во коментари.
Илина, Букбокс