Пост-иронијата како иљач

Слатки нешта на интернет како антидот на цинизмот

Старо правило, на кое често се заборава, е дека секое екстремно растегнување на дискурс во една насока, предизвикува реакција во спротивната.

Ако некој секојдневно ти дрнда да мислиш „позитивно“, ти иде да му вратиш со „сите ќе умреме“. Ако светот станува цинично место, ти иде да се свртиш кон вистинските вредности - слатки животни, деца и смешки кои оние „влијателните“ на интернет би ги нарекле лигави. Ако светот станува опасно, злобно и дехуманизирано место, полн со лажни информации и поттикнување на исти такви, лажни чувства (кои не знаеш ни дека си ги имал додека некој не ти каже дека треба да ги имаш), тогаш единствениот начин да му се даде отпор е со - чистота.

Чистота на мисла и на срце. Обични радости. Промовирање солидарност, семејни вредности, дедовци и баби, бебиња, многу бебиња и генерално, љубов луѓенца .

heart
heart
heart

И така се раѓаат некои чудни вирални феномени, во кои милиони луѓе гледаат како се тркала лимон по улица, како куче си плаќа за колаче со лисја, како навивач промовира забава а не компетитивност, или старци за кои годините се само бројка (последново ОБАВЕЗНО).

„Премногу чисто за овој свет“ е вообичаениот наслов или коментар на ваквите постови. А сето тоа почна всушност како пародија на Онион, во статија од јануари 2014 под наслов: Убавото колаче со цимет и премногу добро за овој свет, премногу чисто. Фалејќи го заради неговото „трансцедентно совршенство“, текстот секако го пародизира феноменот на фокусирање на малите и убави работи како да се кој знае што. Ама тој всушност го имаше сосема спротивниот ефект, на промовирање на „премногу чисто“ како посебен, вирален „жанр“.

„Премногу чисто“ е момент на изнадувачко олеснување, дека во светот има и секојдневни херои, убавина во наивноста, па дури и во добродушната глупост. На пример, наместо хејтање и карање - соседска молба за исполнување музичка желба до човекот што по цел ден вежба на клавирот. И така, до моментот кога „чистотата“, кога еднаш ќе стане вирална, не почне да се валка од секакви коментари, како што покажа „мемето“ со милкшејк патката (израз кој беше прогласен за австралиско-англиски збор на годината). Како и спомнатото колаче со цимет и „чистотата“ е предодредена да биде исконсумирана а потоа, по природниот тек на нештата, сварена и исфрлена од социјалниот организам како отпад.

Сепак, копнееме по вакви постови кои ќе нè изненадат со својата субверзивна и спонтана промоција на најдоброто од човечките квалитети, со својата пост-ироничност и „нова искреност“ - потрагата по она острово од значења кое се уште не е испогането, или оние вредности за кои има надеж дека можат, дури и акјо привремено замрат, повторно да се обноват. Со силата на човечкиот дух, кој уште не е нагризан од киселоста на сарказмот и од `рѓата на злобата.

18 јули 2018 - 13:17