Во историјата на уметноста имало амбициозни уметници, и во смисла на обемот на своите проекти, но и на времетраењето на нивното создавање. Со помош на 400 работници, Гатзон Борглум и неговиот син минале 14 години вајајќи ги претседателските портрети на Маунт Рашмор. Последните 37 години од својот живот Огист Роден повремено работел на огромни резбани порти инспирирани од „Пеколот“ на Данте, за музеј во Париз кој никогаш не бил изграден.
Мајкл Хајзер, креаторот на „Град“, скулптурален проект среде пустина во Невада, сосема им парира на спомнатите и според визијата, и според опсесивноста. За неговото дело со години се зборуваше како да е Атлантида - со доза на неверување, но и со љубопитство. Станува збор за дело настанато под влијание на тн. „ленд арт“, уметничко движење од 1960-тите и 1970-тите, кое користеше материјали како почва, карпи, вегетација и вода, создавајќи дела онаму кадешто тие се најдени, често далеку од населени места.
Хајзер почнал да работи на „Град“ во 1972. Фасциниран од цртањето уште од мал, тој како тинејџер му помагал на татка си, археолог, кој вршел ископувања на древно ацтечко наоѓалиште на полуостровот Јукатан. Подоцна, во текот на студирањето се фокусирал на создавање големи геометриски слики. Сепак, најмногу го инспирирале можностите на монументалните интервенции во просторот, а на почетокот ги длабел во земјата, за да создаде „негативни скулптури“. Во 1969 ископал 240.000 тони земја и карпи од местото Мормон Меса во Невада и го нарекол „Двојно негативно“, а тоа подоцна ги инспирирало авторите на меморијалните споменици на жртвите од Виетнам и на нападите од 11 септември во Њујорк.
Неговиот проект „Град“ започнал од еден крај, со дел наречен „Комплекс еден“, правоаголно возвишение обиколено со бетонски столбови. По две децении, во 1992, тој западнал во криза - Хајзер бил без пари и во болница. Неговите пријатели стравувале дека ќе умре. Мала финансиска помош од уметничка фондација помогнала проектот да продолжи. Сега, во 2022, тој е завршен и подготовен конечно да биде покажан на јавноста.
Оние кои имале можност да го видат, макар и на слики, велат дека тој личи или на напуштен град, или на градина но без растенија и цвеќиња. Додуша, на сметка на потрошените пари (40 милиони долари) и на потрошеното време (50 години) тука има и многу вицови и потсмев на сметка на авторот и на современата уметност. По отворањето локацијата ќе можат да ја посетат само шест луѓе дневно. Последен таму бил самиот уметник, кој сега има 77 години и живее далеку од пустината поради оштетените бели дробови. Во последно време на местото доаѓал во работнички комбинезон, каубојски чизми и цевче во носот поврзано со боца кислород.
Но и покрај нарушеното здравје, неговата тврдоглавост е без преседан. Запрашан за тоа „што сакал авторот да каже“ со едно од најдолго создаваните дела во модерната историја, тој вели: „Интерпретацијата е на посетителот. Мене ич не ми е гајле за тоа“.