Скриениот трошок на слушањето музика на интернет

Секој кој пробал да слуша музика на некој од стриминг сервисите знае колку чиста работа знае да биде тоа - полесно отколку нарачка во кафана. Кликнеш копче и почнува да свири. Но дали навистина ова е толку не-материјален чин колку што изгледа?

Во неговата нова книга „Декомпонирана: политичката екологија на музиката“ (Decomposed во оригиналот како игра на зборови) Кајл Девин ја разоткрива заводливата илузија, дека слушањето музика онлајн се случува во некој флуиден, апстрактен простор на нематеријалното. Како и сето останато што го правиме на итнернет, стримингот и симнувањето музика бара постојан извор на енергија. Како што пишува тој, животната средина сега всушност трпи повеќе кога станува збор за музиката, отколку во било кој друг период од историјата на снимањето на музиката.

Користејќи податоци од сопствено истражување како и од различни други извори, тој дошол до заклучок дека во 2016 стримањето и симнувањето музика генерирало околу 190 милиони килограми емисии на стакленички гасови, што е за 40 милиони повеќе отколку емисиите поврзани со сите музички формати во 2000. Со оглед на потпирањето на стриминг медиумите во текот на пандемијата, кое е без преседан, бројките во 2020 сигурно ќе бидат поголеми.

Како дополнителен трошок треба според авторот да биде земена предвид и експлоатацијата на трудот при производство на телефони и компјутерски компоненти, но не помалку загрижувачки се експлоатативните практики на самите стриминг сервиси, вклучително и нивните озлогласено мали исплати на авторски права на музичарите.

Историски, индустријата на снимање музика се потпирала на науката. Едисон експериментирал, на пример, со восок и други хемиски материјали во процес кој подоцна бил искористен за рачно правење на ситентичка пластика. Емил Берлинер, германско-американскиот изумител најпознат по креирањето на грамофонската плоча, повеќе сакал шелак - вид восок кој го произведуваат азиски инсекти, а кој денес главно се користи во изработката на протези и стоматолошки помагала. Шелак бил доминантниот формат до пробивот на винилот, во средината на 20 век. Дури и тогаш, собирањето на восокот во Индија вклучувал ужасни услови за работниците, иако самиот материјал органски се распаѓал па бил помалку штетен за животната средина отколку пластиката која следела.

Грамофонската плоча која доколку се чува во соодветни услови може да произведе квалитетен звук и по неколку децении, но истото тоа значи дека од винилот човек тешко може да се отараси. И тука е иронијата - наводно прогресивните „хипстери“ го фетишизираат винилот но притоа го зголемуваат сопствениот јаглероден отпечаток без за тоа да бидат свесни. Можеби наскоро ќе бидеме сведоци на враќање на шилакот па дури и на восочните цилиндри. Проблемот е што акумулираниот куп технологии и формати само го зголемуваат стресот по животната околина, додека нашиот апетит за опции и избор се зголемува.

извор

24 септември 2020 - 10:18