Се работи за книгата „Градот и градот" од 2009 на Чајна Миевил (China Mieville), еден од најпопуларните претставници на таканаречената „чудна фикција" во Британија, кој припаѓа на неформална група автори кои се нарекуваат New Weird (Нови чудаци). Освен што пишува романи и стрипови, тој активно е ангажиран во левичарската политика во земјата, а има и докторат за марксизмот и меѓународното право (да, човекот на фоткава). Во моментов предава креативно пишување на Универзитетот во Ворвик.
Книгата ја симнавме и разлиставме - Скопје во нешто што личи на мешавина меѓу фантазија и трилер навистина се споменува, додуша само еднаш, и тоа во контекст на една од трите најдобри точки за летање кон измислениот Европски град-држава Безел. Реченицата е следна:
„За да се лета од Безел од источниот брег на САД треба да се смени авион барем еднаш, и тоа е најдобрата опција. Инаку се работи за навистина сложено патување. Постојат директни летови од Будимпешта, Скопје и, веројатно најдобро за Американците, од Атина."
Бидејќи ваквото „ничим изазвано" спомнување на Скопје во странски роман-бестселер е навистина реткост, му пишавме на Чајна дека 1) ни е чест и 2) се прашуваме дали има некоја посебна причина за неговиот избор. Еве го неговиот одговор:
„Ви благодарам за пораката. Секако дека се сеќавам на делот за Скопје, и би сакал да можам да ви дадам некаква посебна причина за неговото споменување. Во основа, тоа е главен град кој не е особено познат на најголемиот број од моите англиски читатели, но тој е сепак доволно познат за да не звучи сосема туѓо. Би сакал да можев да ви понудам посистематско објаснување од ова! Сè најдобро, Чајна Миевил"
Му благодариме на пораката и на утешните зборови. Не сме особено познати но, видиш, не сме ни Тимбукту. Ама работите на гео-политичката карта бргу се менуваат - ете уште утре можеби ќе бидеме на местото на Безел.