Букбокс интервју

Симон Калајџиев: „Живеам во Токио и го цртам градот секој ден“

Симон го памтиме од Скопје како ликовен уметник и стрип цртач. Неговата последна изложба дома, од 2016, беше посветена на цртежи од Кападокија. Последниве четири години живее и работи во Јапонија, како архитектонски илустратор. За свое дело - панорамски приказ на Токио, ја доби престижната награда која ја доделува Американското здружение на архитектонски илустратори. Го прашавме зошто се важни рачните илустрации во архитектурата, и со што друго се занимава во слободно време.

Во април оваа година ја доби традиционалната награда која ја доделува Американското здружение на архитектонски илустратори. На конкурсот можат да се пријават цртежи, слики, рендери и дигитални дела. Твоето е панорамски приказ на Токио, со големи димензии, 10мх2.5м. Сликата, барем од она што може да се види од интернет, е неверојатно детална, густа и реалистична, а сигурно е уште повпечатлива во живо. Може ли да ни ја опишеш мотивацијата за ова дело и процесот на работа?

Кога бев средношколец и го читав стрипот „Акира“ си замислував колку му е јако на Кацухиро Отомо да живее во Токио и да го црта градот. Сега веќе не си замислувам - живеам во Токио и го цртам градот секој ден. Уште во 2015-та работејќи на мојата серија урбани пејзажи од Токио „Градопис“ насликав неколку глетки, но сфатив дека метрополата е толку голема што не ја собира на едно платно. За да ја доловам идејата што ја имав, знаев дека треба да изработам мурал или дело во слична големина. Можноста да ја насликам панорамата на Токио која отсекогаш ја замислував се укажа во 2019-та кога директорот на компанијата ми побара да дадам идеја за дело за во лобито на Никен Секеи.

Паралелно со сите тековни проекти, панорамата ја работев 4 месеци, поделена на 17 засебни цртежи. Освен макотрпното детално цртање, во вакви дела влегуваат и правење детални студии на одредени згради, разгледување на мапите и релјефот на градот. Секако, во овој потфат ми асистираа колегите од нашиот тим на илустратори. Глетката се простира од Токискиот залив, па сѐ до планината Фуџи.

Моментално, цртежот е во процес на монтажа во лобито на главното седиште на Никен Секеи во Токио.

 

Каква е тежината на една ваква награда во вашата фела?

Оваа награда „Architecture in Perspective“ ја доделува меѓународното здружение American Society of Architectural Illustrators. Заедно со меѓународната награда „The Architecture Drawing Prize“ која ја доделува The World Architecture Festival, ова се двете најпрестижни меѓународни награди во нашата фела. Всушност во 2018та едно мое друго дело се вброи во десетте најдобри на The World Architecture Festival и беше изложено во Амстердам.

Оваа година, за првпат изложбата на наградените дела во „Architecture in Perspective“ е виртуелна и достапна за сите. Во виртуелната галерија, моето дело „Токио панорама“ се наоѓа на вториот кат.

Во рамките на изложбата се одржува и годишната конференција на здружението, исто така за првпат онлајн. Оваа година конференцијата се одржува на 16ти и 17ти октомври, исто така бесплатна и достапна за сите заинтересирани.

Компанијата за којашто работиш, Никен Секеи е формирана далечната 1900-та година, има комплетирано 25,000 проекти во 50 земји. Како се случи да се вработиш во неа? Дали ова беше мотивот за да се преселиш во Јапонија?

Дојдов во Јапонија најпрво приватно со цел да барам работа. Кога дознав дека се бараат илустратори во Никен Секеи бев изненаден што уште има потреба од рачно изработени илустрации во архитектурата. Компанијата работи на толку многу проекти што покрај тимот за 3Д рендери, има и свој оддел на илустратори кои работат со класични техники како на пример акварел. Кога на интервјуто го покажав моето портфолио полно урбани пејзажи од Токио, сфативме дека сме совршена спојка. Имаше пријатна атмосфера во тимот, и одлични работни услови. Веднаш ми ја понудија работата и веднаш ја прифатив.

Твојата биографија вели „илустратор со искуство во архитектурата и индустријата на планирање“. Со оглед на тоа што твоето примарно образование е академски сликар, можеш ли да ни ја протолкуваш улогата на ликовен уметник во овие области?

Во архитектонската илустрација не е услов да се има диплома од архитектура или градежништво, иако работиме рамо до рамо со архитектите и инженерите во целиот процес. Всушност, повеќето илустратори  во нашата компанија, а воедно и во оваа фела, не се архитекти, туку уметници и дизајнери. Улогата на еден ликовен уметник во архитектурата е да ја визуелизира и оплемени идејата на архитектите при изработка на предлог проект. Многу често после добиен конкурс или тендер за градба, архитектите лично ми се заблагодаруваат за мојот придонес.

Последен пат во Скопје имаше изложба во 2016, на тема „Кападокија отсликувања“, со дела изработени на хартија во повеќе техники. Дали имаш време да се занимаваш и со други теми освен оние кои професионално ти се наметнуваат? Можеби по завршувањето на глобалната пандемија би можеле да те видиме во Скопје со нова изложба?

Малкуто слободно време надвор од работата максимално го користам за креирање и истражување нови теми и методи. Илустрирам книги од домен на фантастичниот жанр, цртам и дизајнирам фантастични светови, експериментирам со дигитални техники. Цртам дури и во воз додека одам на работа! Порано или подоцна ќе се случи изложба, најверојатно порано во Токио, подоцна во Скопје. Во меѓувреме може да ме следите на Инстаграм или на Behance за да видите на што работам во слободно време.

Илина, Букбокс

13 октомври 2020 - 17:06