Цутому Јамагучи летото 1945 работел како техничко лице за одржување нафтени танкери, кога неговиот работодавец Мицубиши хеви индустрис го испратил во Хирошима на подолг службен пат. Но престојот му бил нагло прекинат кога бомбардерот Енола Геј на 6 август ја фрлил првата атомска бомба на само неколку километри оддалеченост од него. Иако Јамагучи бил внатре „зоната на смртта“, тој успеал да се извлече со само неколку изгореници, привремено слепило и оштетени ушни тапанчиња. Се вратил во Нагасаки и, и покрај повредите, се јавил на работа на 9 август. Неговиот шеф не можел да поверува во неверојатната приказна за една единствена бомба која за миг го уништила градот, но додека се расправал со Јамагучи на оваа тема, просторијата била исполнета со нереално бела светлина, и втората бомба, „Дебелкото“, детонирала над Нагасаки. Јамагучи го преживеал и ова бомбардирање, и живеел до 2010, кога умрел на 93 години.
Дали Јамагучи имал среќа, или бил неверојатен малер?
Од една страна, тој бил обичен бизнисмен кого го стрефила нуклеарна бомба, и тоа два пати. Од друга страна, тој бил единствениот преживеан од двете најсмртоносни бомби кои некогаш биле употребени во војна, па уште и доживеал длабока старост - факти кои од него прават човек со неверојатна среќа.
Ваквите поединци се појавуваат на интернет листи и на најмалерозните, и на најсреќните луѓе на светот. И иако мислиме дека некој кој навистина има среќа не би ни дошол во ситуација да доживее било каква несреќа, сè зависи од перспективата. Ваквиот случај поттикнува интересни прашања за природата на среќата. Дали тоа е нешто реално, или чисто субјективно, само прашање на тоа како се чувствуваме за нештата кои ни се случуваат? Можеби Јамагучи не е ниту среќен, ниту малер. Среќата можеби воопшто не е релевантен квалитет, кој би требало да го земаме предвид.
Во текст кој наскоро ќе излезе во списанието Филозофска психологија (Philosophical Psychology), експерименталните психолози Џенифер Џонсон и Стивен Хејлс тврдат дека луѓето кои имаат тенденција да бидат оптимисти ги сметаат ваквите случаи како примери на добра среќа, а оние песимистите, обратно. Тие спровеле студија за да споредат што мислат првите за ваквите двосмислени случаи на „среќа“, а што мислат вторите. Најпрвин на учесниците им бил даден таканаречениот Тест за животна ориентација (Life Orientation Test) за да се утврди каде спаѓаат во спектарот на песимизам-оптимизам. Потоа им биле дадени по пет вистински приказни за луѓе кои истовремено биле и малер и со голема среќа. Тие требало да се одлучат помеѓу неколку опции: дали Јамагучи и останатите ликови од наративите тотално немале среќа, малку немале, имале малку среќа или биле ептен среќлии.
Излегло дека постои значајна позитивна корелација помеѓу нивото на оптимизам и начинот на кој била одредувана среќата во овие сценарија. Ова значи дека колку што сме пооптимистични, толку мислиме дека другите имаат среќа, и обратно, колку што поголеми песимисти за нас лично, толку сметаме и дека другите се малер.
Секако, обете групи се согласиле што е она во приказните што може да се толкува како среќа наспрема малер. Но работата е што превагнало во нивните оценки, на што се фокусирале. И ова може да звучи банално, но прави огромна разлика во таканареченото „врамување“ на елементите кои резултираат со тоа нешто да се толкува како среќна или несреќна приказна. Пример за позитивно односно негативно врамување на еден ист настан би бил следниов:
„Погодив пет од шест! Никогаш не сум била толку блиску до џекпот. Беше просто неверојатно“
„Го пропуштив џекпотот за едно мизерно бројче! Така ми е цел живот. Беше просто неверојатно“
Кога настанот бил презентиран позитивно (како во првиот случај), учесниците сметале дека тој е пример на среќа во 83% од случаите. Точно истиот настан, опишан негативно, бил сметан за „среќен“ во само 29% од случаите. Како е можно добивањето џекпот да се смета за работа на среќа, а недобивањето не? Очигледно критериумите за оценка се толку субјективни, што не е можна некаква конзистентна „теорија на среќата“.
Но токму тука лежи и огромната можност за манипулирање - само една малку поинаку срочена реченица, или малку поинаков агол на гледање на работите, може да ни ги претстави како крајно ризични, опасни и негативни, или крајно позитивни. Истото важи и за самозалажувањето, кога при толкување на одредена ситуација, доколку сме генерално оптимисти, сме склони да ги пренебрегнеме негативните аспекти, и притоа да пропуштиме да реагираме соодветно. Старата поговорка дека „Секој е ковач на својата среќа“ притоа звучи крајно реално - но ако важи за среќата, ферски би било истото да важи и за малерот.