Звучи како тешка физичка работа - собирање волна - но всушност е метафора за нешто многу полежерно, кое не бара интензивен физички напор. "To go woolgathering" значи да заталкаш во мислите, да сонуваш на јаве или да се ангажираш во нешто без практична цел, ама што ти прави ќеф.
Според речникот Меријам-Вебстер во минатото со ова се означувало буквално собирање волна, односно пуфки кои биле фатени на грмушки и на огради додека минувале овците, кои наместо да одат фира можеле да се употребат за нешто корисно. Бидејќи ова не подразбирало кој знае каков ангажман, туку повеќе шетање наоколу со мал ќар од истото, во средината на 16 век идиомот почнал да добива фигуративно значење во смисла на зјаење во празно, бесцелно (а релаксирачко) ништонеправење.
Изразот особено често се среќава во англиската книжевност од крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога изгледа го достигнал врвот на својата популарност. Агата Кристи ги споредува фантазирањата на нејзиниот лик од дури 12 романи, мис Марпл, како „волнособирање“. Тоа е и наслов на автобиографска книга на Пети Смит од 1997, каде таа го користи како метафора за трупање мисли и спомени.
Ваквата конотација е сепак неправедна, од повеќе причини. Прво, можеби денес ретко кој од нас чува овци, но кога би го правеле тоа и од она малку волна што останало на нивната патека од пасење до дома можеби би излегол еден џемпер. Второ, за ваква работа главно биле испраќани деца, кои наместо да го прават она што требало, се заигрувале и често заборавале на главната задача (супер за нив). И трето, „волната“ не мора да има врска со овци, може да е чепкање по двор ништејќи плевел или гледање во небесната волна - облаците.