Што значи да си „голем во Јапонија“?

Big in Japan за генерациите растени во 1980-тите е пред сè песна од Алфавил. Па за некои е песна од Том Вејтс. Ама всушност изреката е инсајдерска музичарска зафрканција - ако си мал во САД или Европа, може па си голем во Јапонија?

I got the sheets but not the bed/I got the jam but not the bread/But, heh, I'm big in Japan.

Вака пееше Том Вејтс во 1999 во „Голем во Јапонија“ (Big in Japan), негово иронизирање со судбината на одреден број маргинални музичари од Стариот континент и САД, кои на Далечниот исток доживуваат успех за каков не ни сонувале. 

Феноменот датира од времето кога јапонските купувачи на плочи биле сметани за неупатени или наивни, склони кон тоа да ја насочуваат својата љубов за западната култура кон погрешните изведувачи. Во 1962, американскиот инструментален рок бенд „Д Венчрс“ (да, кои се тие?) биле првите кои наишле на неочекувано ентузијастичка публика таму и од тогаш редовно оделе на турнеи низ Јапонија. Продажбата на нивните албуми ДВОЈНО ја надминале онаа на Битлси во оваа земја. Други музичари со никаков или осреден успех дома кои успеале во Јапонија се Нил Седака, Д Ранавејс, како и метал бендови од Северна Европа. 

Има и познати музичари, како Скорпионс, кои ги лансирале своите домашни кариери на грбот на ваквиот успех во Јапонија, особено со албуми во живо. Иако стиховите немаат директна врска со ваквиот контекст, изреката ја популаризираше славната песна од 1980тите на германскиот синт-поп бенд, Алфавил.  

Има и спротивен феномен, „Мал во Јапонија“, кој првично се однесувал на Ејси-диси - кога некој популарен бенд во западниот свет и покрај големиот број обиди да се пробие во Јапонија, останува непознат и неуспешен. Еден таков пример денес е Адел. 

Изреката се уште се користи во англискиот, иако можеби во ретро-манир, како ехо на културолошкиот снобизам кој го смета успехот далеку од дома само како утешна награда, мармалад без леб. 

28 мај 2024 - 10:13