Аотеароа e маорско име за Нов Зеланд. Всушност, историски тоа било првично користено од страна на домородното население само за северниот остров, поголемиот и далеку понаселениот од двата кои го сочинуваат она што е денес oваа држава. Сега Партијата на Маорите бара тоа име да се воведе како официјално. И не само тоа, туку до 2026-та да се идентификуваат и обноват и други топоними, чии оригинални називи биле променети од колонизаторите.
Потеклото на Аотеароа не е сосема јасно. Зборот може да се подели на „ао“ (облак, мугра, ден), „теа“ (бело, јасно или бистро) и „роа“ (долго), што асоцира на долгите бели облаци кои им помагале на раните Полинезијци во навигација по океанот. „Аотеа“ можеби е од името на долгите кануа со кои се патувало до Нов Зеланд. Трето толкување е „земја на долгиот ден“ што веројатно се однесува на долгите летни денови на Нов Зеланд во споредба со оние посеверно на Пацификот.
Oваа верзија со кануто всушност е цела приказна, која има врска со Купе, митска фигура во митологијата и усната историја на Маорите. Легендите велат дека тој бил вклучен во откривањето на Нов Зеланд од страна на Полинезијците. Неговата жена Курамаротини (во некои верзии неговата ќерка) гледала кон хоризонтот и повикала „Хе ао„ Хе ао!“ (облак, облак) а во друга верзија кануто било насочувано од долг бел облак кој ноќе светел. Токму по него земјата го добила своето име.
Комбинираното користење на обете имиња Аотероа и Нов Зеланд беше популаризирано почнувајќи од 1980-тите што ги нагласува бикултурните елементи на новозеландското општество. Двојазичните ознаки се чести кога станува збор за националните организации, како Националната библиотека на Нов Зеланд која на маорски се нарекува Те Пуна Матауранга о Аотеароа.