Веројатно нема подобар начин да изнервирате фан на „Ѕвездени војни" отколку да ги наречете „научна фантастика". Да, во филмскиот серијал има вселенски летала и вонземјани, но има тука и многу повеќе и поразлично од тоа. Стар ворс е вестерн, тој е за самураи, тоа е вселенска опера, воен филм - скриен протест против Виетнам, па дури и митолошка бајка.
Според коментатор на Слејт всушност и нема потреба од расправии околу секое од овие прашања, бидејќи од самиот почеток Стар ворс е сето ова заедно - хиперцитатен пастиш, кој може (приближно) да се спореди со секој од филмовите на Тарантино. Ваквото жанровско прелевање, деконструкцијата и фрагментацијата на линеарното време, автореферентноста, отсуството на разлика помеѓу „високи" и „ниски" уметнички стилови - сето ова укажува на она што вообичаено се дефинира како постмодернистички филм.
(Споредба на сцени од Ѕвездени војни и Флеш Гордон)
Склоноста кон ваквите филмски експерименти на Лукас датира уште од неговите студентски денови, кога тој бил фасциниран од нелинеарната нарација. Студирајќи во првата генерација режисери на Универзитетот Јужна Калифорнија, тој во текот на викендите гледал и по пет филмови, главно од авангардната европска сцена. Омилен во тој период му бил апстрактниот колажен филм на канадскиот режисер Артур Липсет од 1965, 21-87, кој трае 9 минути и 33 секунди, а кој Лукас го гледал и по триесетина пати едно по друго.
Тој опишува општество доминирано од машините, а е направен од исечоци исфрлени при монтажа во Националниот филмски борд (кадешто Липсет работел како аниматор) и звуци кои не се поврзани со визуелниот контекст. Иако навидум нема никаква врска со Ѕвездени војни, нивната естетика, како и онаа на „Американски графити" била под силно влијание на Липсет, кој извршил самоубиство во 1986 и никогаш не се сретнал со Лукас. Сепак овој го има (не)видливо цитирано низ речиси сите филмови кои ги има снимено во кариерата, на пример преку бројот на затворската ќелија на принцезата Леа на Ѕвездата на смртта која е со број 21-87.
Ваквиот колажен пристап на Лукас е очигледен и во неговиот прв краток филм, „Поглед на животот" (1965) снимен додека бил на студии, каде преку монтирани слики од „Лајф магазин" се спротивставуваат ликови од контракултурата и од естаблишментот. Задачата всушност била по предметот анимација, а филмот заработил дваесетина награди на филмски фестивали низ земјата.
Освен стилски, Лукас зајмел и цели ликови и нарации од други вселенски авантури, како од Флеш Гордон, така и од Едгар Рајс Бароуз (авторот на Тарзан и авантуристот на Марс, Џон Картер). Во книгите на вториов, на пример, има кралски суштества наречени џедаки и џедари.
Сепак, за најголема инспирација на „Ѕвездени војни" се смета „Скриената тврдина" на Куросава, приказна за двајца селани среде војна помеѓу два клана, кои се обидуваат да спасат принцеза. Лукас сакал за да го ангажира Тоширо Мифуне, најголемата ѕвезда на Куросава, кој е генерал во спомнатиот филм, да ја игра улогата на поранешниот генерал Оби-Ван Кеноби. Дури и визијата за маската на Вејдер била „шлем како на јапонски средовековен воин".
Иако почнала како надоврзување на претходна филмска митологија, онаа создадена од страна на „Војна на ѕвездите" низ годините толку длабоко се вградила во американската поп-култура што некои од оние коишто растеле со овие филмови кога прв пат се сретнале со античката митологија во школо помислиле дека „Грците го ископирале Лукас". Всушност голем број денешни филмови му го направиле нему она што тој му го направил на Куросава - од Петтиот елемент, преку Луѓе во Црно, до Стар трек и Тумороуленд, сите му оддаваат почит на стилот чиј пионер бил токму Лукас.