Групи математичари од институции во Кина, Саудиска Арабија и на други места подолго време ги имаат вештачки „пумпано“ бројките кои покажуваат колку се цитирани нивните трудови, што е еден од клучните елементи кои укажуваат на успешност во науката. Ова било правено со масовно објавување други трудови со низок квалитет, чија единствена смисла била во тоа да содржат вакви цитати, со тоа подигнувајќи го вкупниот коефициент на цитираност. Како резултат на ова, нивните универзитети (каде во одделни случаи не ни има посебна катедра по математика) сега произведуваат поголем број високо цитирани трудови од областа на математиката во споредба со универзитети кои се традиционално познати по резултати во оваа област, како Стенфорд или Принстон.
Причината зошто овие таканаречени „картели за цитираност“ се занимаваат со оваа работа е тоа што придвижувањето кон врвот на ваквите списоци за институциите значи престиж, но и десетици милиони долари. А кога се во прашање пари се знае, луѓето, макар и биле научници, се подготвени да ги прекршат правилата.
Како резултат на ваквите практики, компанијата Кларивeјт (Clarivate) која се занимава со аналитика на издаваштво, исклучила цела математичка област од најновото издание на својата влијателна листа на автори на високо цитирани статии, објавена во ноември 2023.
Оваа неверојатна нова анализа е дело на трудот на Доминго Докампо, математичар од Универзитетот Виго во Шпанија, кој има долгогодишен интерес за системите на рангирање на универзитетите. Тој забележал дека во последно време на листата на Кларивaјт постепено се појавувале имиња на помалку познати или сосема непознати математичари. Имало луѓе кои објавувале во списанија кои не ги чита ниту еден сериозен математичар, чии дела биле цитирани во статии кои ниту еден сериозен математичар не би ги читал, и кои доаѓаат од институции кои не значат ништо во математиката. Тој се впуштил во истражување на податоците од изминатите години, за да сфати кои се тие универзитети кои ги објавуваат високо цитираните текстови и кој ги цитира истите.
Податоците покажале дека помеѓу 2008 и 2010, институции како Универзитетот во Калифорнија, Лос Анѓелес и Принстон произвеле најголем број високо цитирани математички трудови (највисоко рангираните 1%). Но во 2021-2023 институции со многу мала математичка традиција, главно базирани во Кина, Саудиска Арабија и Египет, почнале да им го зафаќаат местото. Во овој период Кинескиот медицински универзитет во Тајван се искачил на прво место на листата од 95 највисоко цитирани математички трудови, споредено со нула трудови од оваа институција цела деценија претходно. Во меѓувреме, Универзитетот во Калифорнија имал само еден единствен високо цитиран труд.
Докампо заклучил дека тука мора да станува збор за „картели“ кои изнашле систем како ова да функционира, но не и за до крај да си ги скријат трагите. Секако, тие негираат, а запрашани како тоа имаат резултати од областа на математиката кога немаат ни таков оддел, еден од нив, главниот секретар на Кинескиот медицински универзитет, изјавил дека тоа е поради нивниот „интердисциплинарен пристап“ кон медицината.
Некои од истражувачите велат дека ваквата манипулација, колку и да е за осуда, е всушност симптом на погрешен метод на евалуација. Цитатите и сличните метрики не се доволно рафинирани за да ги следат индивидуалните постигнувања, па луѓето, незадоволни од системот, секогаш ќе најдат начин да го изиграат.