Нормално, овие ставови не останаа неискоментирани, токму на интернет. Не дека човекот нема поента, ама баш и не мора да лути добар дел од човештвото, кое се колне во овие технологии.
Твитер
На читање во Тулан, Лујзијана, пред неколку дена, осврнувајќи се на природата на новите медиуми, Франзен го нарекол Твитер „неверојатно иритирачки феномен..тој го претставува сето она на што јас се противам...тешко е да се цитираат факти или да се креира асален аргумент за или против нешто во 140 карактери. Тоа е како Кафка да одлучи да направи клипче од „Метаморфози" или некој да одлучи да напише роман без буквата 'п'".
Дури и да се согласиме со него, едно останува фактички неточно: писателите одамна експериментирале со пишување на вакви форми, кои се нарекувале липограми. Станува збор за книжевни форми во кои текстот се создава без користење на една или повеќе букви. Еден од најпознатите вакви примери е францускиот писател Жорж Перек, кој објавил роман од некои три стотини страници кој воопшто не ја содржи буквата 'е', а чија тема е токму исчезнувањето на оваа буква. Во Хрватска, пак, Милко Валент во 1979. напишал драма „Пледоаје по пи*ка" во која сите зборови, и дијалогот и дидаскалиите и имињата на ликовите, почнуваат со буквата 'п'. Од Македонија можеме да конкурираме со Глоријан, кој успеа во интервју од 11 минути да не употреби ниту едно 'р'.
Нормално, твитерџиите го возвратија ударот, отварајќи хаштаг #JonathanFranzenHates. „Тој мрази зборови кои тежат помалку од 250k.“ - беше еден од зајадливите твитови.
Е-книги
Зборувајќи на еден книжевен фестивал, Франзен изјави дека според него книгите на хартија се подобри затоа што врз нив можеш да истуриш вода, а тие потоа се уште да работат. Најголемиот проблем со електронските книги според него е сепак од поинаква природа. Можноста за едитирање и бришење на дитигален текст ја подрива идејата за постојаност, и ги прави читателите како него несигурни во тоа дали следниот пат кога ќе ја побараат книгата таа ќе биде таму, и дали ќе ја има истата содржина.
Нормално, љубителите на дигиталните книги веднаш изреагираа, релативизирајќи ги зборовите на Франзен со фотографии на нивните Киндл читачи, со автограми токму од него. Демек, ако ги потпишал нема ништо против нив.
Смартфони
Предметите од овој тип се толку прилагодени на секој каприц на нивните корисници што се „вистински сојузници и поттикнувачи на нарцизмот". „Нашите животи изгледаат многу поинтересно кога се филтрирани преку секси Фејсбук интерфејс. Глумиме во нашите сопствени филмови, бескрајно се фотографираме себеси, кликаме на глувчето а машината ни го потврдува нашето чувство на господарење". На крајот, вели тој, љубовта, со сите нејзини ризици, ќе биде заменета со побезбедното „допаѓање".
Интернет, воопшто
Освен што нè прави снобови и неспособни за детално и живописно изразување, интернетот ни ја убива и фантазијата. Осмото од десетте правила за добро пишување на Франзен вели дека „е сомнително дека кој и да е со интернет врска може да пишува добра фикција".
За да видите колку Франзен се пресликал во главниот лик, Валтер Берглунд, од познатата „Слобода", кој исто како и неговиот автор мрази сè што не е еколошко, потсете се на освртот на Букбокс за овој роман.