„Конечно доволно време“ е осма епизода од серијата „Зона на самракот“, прв пат емитувана во 1959. Во неа еден човек се обидува да го прави она што најмногу го сака - да чита, но постојано некој го прекинува. Откако го преживува крајот на светот, како единствен на планетата, конечно го има сето време и сиот мир на светот. Кога влегува во библиотека, со поглед се насладува на бесконечните редици книги кои сега ќе може да ги чита.
Токму во тој момент му се кршат очилата.
Oва е всушност апокалипса во апокалипсата - митолошка казна за којзнае какви гревови од претходниот живот на Хенри Бемис, како што се вика човекот, кој нема веќе никогаш да може да прочита ни ред. Но ваквата приказна тера на размислување - како читале луѓето пред изумувањето на корективната диоптрија?
Откако имало примати на земјата, имало и миопија, односно кратковидост. Но во книгата „Сведокот на еволуцијата: како еволуирале очите“ на Иван Шваб, се вели дека со подемот на читачката култура стапката на кратковидост нагло пораснала во изминатите тристотини години. Иако гените и исхраната можеби одиграле улога, образованието и кусогледоста изгледа дека се поврзани, што сугерира дека кога луѓето обавуваат работа која подразбира гледање од блиску, очите им се издолжуваат.
Најстарата слика на очила датира од 1351, а ги носи кардиналот Хју од Сен-Шер. Но наочарите всушност биле измислени 23 години претходно во Пиза, а потоа постепено се ширеле низ Европа и патувале долж патот на свилата во Кина (најстарите сочувани очила датираат од околу 1475 - слика најгоре).
Тогаш, што се случувало пред 1286? Секако, наочарите не билe единствениот начин да се зголемуваат мали нешта. Всушност, луѓето користеле некоја форма на леќи за зголемување со илјадници години, но тие им помагале на далекувидите. Оние кратковидите немале толку среќа, до изумувањето на софистицираните техники за брусење леќи и подобрени тестови за вид. Како и да е, во поголемиот дел од човечката историја, освен ако не сте биле морнар или војник, најверојатно сте го поминувале денот како ковач, занаетчија, селанец, занимања за кои оддалеченоста од она што се работи не е толку битна. Всушност, средовековните писари и илустратори биле охрабрувани да си останат кратковиди, затоа што тоа било идеално за да си ја вршат својата работа.
Дури во времето на Гутенберг носењето леќи на лицето станало практика, и тоа таква која најпрвин воопшто не била популарна. Всушност тие само се држеле на очите, не биле „носени“ онака како денес. Освен тоа биле тешки, дебели и лесно кршливи. Во 15-тиот век бидејќи биле ретки и необични на нив се гледало како на нешто што дава магична моќ, а оние кои ги носеле биле сметани за луѓе кои се во дослух со ѓаволот. До 19 век наочарите веќе биле чести и вообичаени низ светот.
Со оглед на тоа што денес сме приморани најголемиот дел од времето да се занимаваме со мали текстови и слики на исто толку мали монитори, можеби „ѓаволот“ сепак дошол по своето. Повеќе од милијарда, а според некои проценки дури 2,5 милијарди луѓе на светот имаат потреба од наочари, но ги немаат. Оттаму, прашањето како да се снајдат во светот без наочари за нив е се уште актуелен проблем.