Драг Марк,
Откако се појави во ноември минатата година, голем број луѓе кои се обземени од вид алгоритмичен восхит, ми имаат испратено песни „во стилот на Ник Кејв“, создадени од ChatGPT. До сега имам добиено десетина од нив. Накратко, не го споделувам истиот ентузијазам во врска со оваа технологија, Сфаќам дека ChatGPT е во раната фаза, но веројатно тоа е и генералниот ужас на AI, фактот дека засекогаш ќе биде во зародиш, бидејќи секогаш ќе има уште за доодување, а насоката е секогаш напред, секогаш побрзо. Никогаш не може да се врати назад или да се забави, бидејќи нè води нанапред, или во утописка иднина или кон наше целосно уништување. Кој би можел да каже што од овие две? Судејќи според оваа песна „во стилот на Ник Кејв“, работата не е на арно, Марк. Апокалипсата веќе започнала. Песнава е за никаде.
ChatGPT, согласно овој пример, е реплицирање како форма на травестија. Програмата може да пишува говор или есеј или проповед или некролог, но не може да создаде вистинска песна. Со време може ќе успее да создаде песна која, барем на површината, не може да се разликува од оригиналот, но таа секогаш ќе биде имитација, некој вид бурлеска.
Песните се изнедруваат од страдање, при што мислам на тоа дека тие почиваат на сложената, внатрешна човекова борба за создавање, а, колку што знам, алгоритмите не чувствуваат. Податоците не страдаат. ChatGPT нема свое внатрешно јас, не бил никаде, не видел мака, ја немал храброста да посегне вон своите ограничувања, и оттаму нема капацитет за споделено трансцедентно искуство, бидејќи нема ни ограничувања кои би ги надминал. Неговата меланхолична улога е да биде предодреден да имитира и никогаш да нема автентично човечко искуство, без оглед колку безвредно и надминато би станало човечкото искуство во иднина.
Она што ја прави одличната песна одлична не е нејзината блискост со препознатливо дело. Пишувањето добра песна не е мимикрија, или репликација, или пастиш, туку токму обратното. Таа е чин на само-убиство кое го уништува сето она кое човек се обидувал да го произведе во минатото. Тоа се оние опасни, срцепрестанувачки патешествија кои го катапултираат уметникот вон границите на она што тој го препознава како свое познато јаство. Ова е дел од автентичната креативна борба која претходи на пронаоѓањето специфичен стих со реална вредност; тоа е задишаното соочување со сопствената ранливост, со сопствената опасност, сопствената маленкост соочена со чувство на ненадејно шокантно откритие; тоа е одмаздичкиот уметнички чин кој го трогнува срцето на слушателот, кога тој внатре песната ќе си ја препознае сопствената крв, сопствената битка, сопственото страдање. Тоа е она што ние, понизните луѓе можеме да го понудиме, а вештачката интелигенција може само да го имитира, трансцедентото патување на уметникот кој засекогаш се бори со сопствените недостатоци. Тука лежи човечкиот гениј, длабоко вграден во ваквите ограничувања, па сепак обидувајќи се да досегне вон нив.
Можеби звучи како сето ова да го доживувам премногу лично, но јас сум стихотворец кој е ангажиран, во овој момент, во процесот на пишување песни. Тоа е крвава работа, од утроба, со која се занимавам тука, на мојата работна маса, а која бара нешто од мене за да иницира нова и свежа идеја. Ја бара мојата човечност. Каква е таа нова идеја, тоа не го знам, но таа е таму некаде, и ме бара. За некое време ќе се најдеме.
Марк, фала ти за песната, но со сета љубов и почит на овој свет, песната е срање, гротескно исмевање на она што значи да се биде човек и, не ми се допаѓа иако - чек!, кога ја препрочитувам, има стих кој сепак нешто ми кажува - „Имам пеколен оган во очите“ - вели песната „во стилот на Ник Кејв“, и ова е на некој начин вистина. Имам пеколен оган во очите, а тоа е ChatGPT.
Со љубов,
Ник