Пред неколку дена на аукција на имотот на претпријатието во стечај, Ривер Данјуб, тим на компанијата Милениум за 27 милиони евра го купил градежното земјиште на кое стои хотелот Југославија. Објектот до 2011 бил под заштита, односно се претпоставувало дека има својство на културно богатство - единствено било потребно да се изработи елаборат за и формално да може да биде прогласено за културно наследство.
Меѓутоа, Заводот за заштита на споменици наместо тоа го избришал хотелот „Југославија“ од евиденцијата на добра под претходна заштита затоа што, како што е речено, „со најновото согледување на состојбите“ е утврдено дека во текот на бомбардирањето од страна на НАТО е нанесена голема штета, дека оригиналниот ентериер е делумно уништен, а потоа и променет.
Хотелот Југославија е отворен во 1969, а е изграден по проект на архитектот Лавослав Хорват. Од идејата до конечната реализација поминале речиси 20 години. Главната зграда има седум спрата, а посебно импозантна била внатрешноста на хотелот со 1500 простории, 1100 кревети и вкупно 600 соби и 23 апартмани. Ресторанот имал повеќе од 800 места и незаборавен поглед на Дунав.
Постои приказна дека своевремено етиопскиот цар Хајле Селасие му рекол на Тито дека Белград нема престижен хотел. Нема? Тито наредил да се изгради и градењето почнало во 1948. Проектантите биле група архитекти од загрепската „школа на модерната“. Најпрвин проектот се водел под името „Хотел Белград“, но сепак е заклучено дека на толку репрезентативно здание повеќе му лежи другово име.
На грандиозното отворање црвената лента ја пресекол самиот Тито. Така, покрај хотелско-туристичкото значење, објектот имал за цел да ја покаже силата и финансиската моќ на државата, како и политичката влијателност.
На отворањето во Гинисовата книга на рекорди е впишан лустер кој се наоѓа пред Свечената банкет сала, како најголем Сваровски лустер на светот. Сега тој веќе не ја носи таквата титула, но долго време било така. Со должина од 30, ширина од пет метри, во форма на правоаголник, и тежина од 14 тона, тој се состои од 40.000 сваровски кристали и 5000 сијалици. Кристалите му даваат уметничка вредност и посебност, бидејќи тоа е всушност стакло обработено со технологија наменета за дијаманти и како такви совршено ја прекршуваат светлината.
Во хотелот Југославија престојувале британската кралица Елизабета, Нил Армстронг - првиот човек на месечината, Ричард Никсон и Џими Картер, Гадафи, Тина Тарнер, Кевин Костнер и многу други.
Лустерот ја преживеал ноќта помеѓу 7 и 8 мај 1999 кога е бомбардирана блиската зграда на кинеската амбасада. После делумна реконструкција и промената на сопственоста, хотелот продолжил да работи, до сега. Не е јасно која е намерата на новите сопственици и дали тие ќе вложат напор да го спасат ова богатство.